Бразилката била дома кога добила трудови на крајот на минатиот месец. Таа се подготвила и се упатила кон најблиската болница, но стигнала само до лифтот пред да го роди малото девојче Јулија.

За среќа, друштво ѝ правел сопругот Данило Алмеида, инаку гинеколог, па тој можел да ѝ помогне да се породи. Минатиот четврток, гордиот татко на Инстаграм сподели снимка од безбедносната камера во лифтот.

„Раѓањето на Јулија беше брзо и невообичаено, но послужи за да се разбере дека жените понекогаш се пораѓаат за неколку минути. Јас не сум поборник за породување без надзор и верувам дека безбедноста на мајката и детето е приоритет, но има некои непредвидливи ситуации. Колку и да планиравме друго сценарио, атмосферата во лифтот беше мирна и тивка и на крајот бевме сведоци на раѓањето на нашата ќерка“, напиша др. Алмеида.

Таткото ја пресекол и папочната врвца, а иако во кариерата породил повеќе од 5.000 жени, признава дека ова породување било најпосебно.

“Повеќето од породувањата што ги имам се нормални и понекогаш траат помалку од два часа. Ова ме изненади”, додал тој.