Шминкерката Гејб Адамс Ветли инспирира многумина со своите видеа на социјалните мрежи. Гејб има Ханхартов синдром, ретко пореметување кое се карактеризира со различни фази на оштетување на јазикот и отсуство на прсти на рацете и нозете. Гејб, која неодамна им откри на своите следбеници дека е трансродова, нема раце и нозе.
Поради нејзината болест, родителите ја напуштиле кога имала само девет месеци, пишува „Unilad“. За среќа, кратко потоа, Гејб била посвоена од семејство од Јута, па инфлуенсерката пораснала со уште 13 браќа и сестри.
Таа сега има 22 години, а основната занимација ѝ се социјалните мрежи. Таа има 185.000 следбеници на Инстаграм, додека повеќе од четири милиони корисници ја следат на ТикТок. Таа стана популарна благодарение на веселите туторијали за шминкање и многубројните видеа каде на своите следбеници им покажува како се шминка и се подготвува да излезе од дома.
Инфлуенсерката вели дека нејзиното посвоено семејство е голема причина за нејзиниот успех. Таа вели дека секогаш ѝ давале безрезервна љубов и поддршка и ја учеле да биде што е можно посамостојна. Тие не сакале таа да се чувствува поинаку од нејзините врсници поради нејзината болест.
По завршувањето на образованието, Гејб извесно време работела како мотивациски говорник, посетувајќи училишта и компании, но повеќе ја интересирале шминката и убавината.
„Отсекогаш сакав само да седам и да гледам како други девојки се шминкаат. Секоја од нив го правеше тоа на различен начин. Некои прво ставаа подлога, а некои ставаат сенка за очи“, изјавила Гејб во едно од интервјуата.
Нејзината популарност на социјалните мрежи почнала да расте за време на пандемијата на коронавирусот.
„Во првото видео кое го објавив, се снимав само до вратот. Многумина се прашуваа зошто го правам тоа. Потоа покажав дека всушност немам раце и нозе“, додала инфлуенсерката, која денес има многу голема поддршка од следбениците, а соработува и со некои брендови.