Заклучно со вчера, 30 отсто од полнолетната популација, односно 416.965 лица, биле ревакцинирани во Белград, објави денеска заменик-градоначалникот Горан Весиќ.
Тој изјави дека досега 587.785 лица ја примиле првата доза на вакцината против коронавирус, што е 42,2 отсто од вкупната возрасна популација во Белград.
„Имаме најдобар резултат кај популацијата на возраст меѓу 65 и 74 години, во која се вакцинирани 71,53 отсто од луѓето“, изјави Весиќ на својот Фејсбук профил, додавајќи дека на крајот на вчерашниот ден во Белград биле дадени 1.004.750 дози вакцини.
Целта, посочува тој, е да се вакцинираат 750.000 граѓани на Белград.
Тој изјави дека граѓаните од главниот град добиле најмногу вакцини од производителот Синофарм, 641.889 дози, додавајќи дека се дадени 168.902 вакцини од Фајзер, 158.604 вакцини од Спутник V и 60.828 вакцини од производителот АстраЗенека.
Просечната возраст на вакцинираните во Белград е 58,4 години, а 54 отсто од вакцинираните се жени, а 46 отсто се мажи, додаде Весиќ.