Параноичниот милионер Николај Мушегјан (29) кој своето богатство го заработил на криптовалути, се удавил на плажа во Порторико откако твитувал дека ЦИА и Мосад ќе го убијат.
Мушегјан починал на 28-ми октомври, неколку часа откако го објавил својот последен твит.
Младиот милионер, како што се наведува, имал историја на проблеми со ментално здравје и неговото семејство не верува дека некој го убил.
Во своите твитови, часови пред да биде пронајден мртов, рекол: „ЦИА и Мосад водат некој вид на уцена и трговија на луѓе од Порторико и карипските острови. Ќе ме обвинат за лаптоп кој го подметна мојата поранешна девојка, која е шпион. Ќе ме мачат до смрт“.
Меѓутоа, некои припадници на заедницата која заработува од криптовалути во Порторико, се сомневаат во околностите кои се поврзуваат со неговата смрт.
Николај бил пронајден на плажа од сурфер на 29-ти октомври. Бил облечен и паричникот бил кај него. Брок Пирс, друг маж кој работи со криптовалути, за „NY post“ рекол дека е задоволен што се разјаснило дека смртта на Николај не е сомнителна, откако разговарал со неговите родители.
„Неговата мајка објасни дека неговата смрт нема никаква врска со неговите твитови. Беше добар човек и дете во душата. Исто така беше визионер. Не ги нарекувам луѓето брилијантни често, но тој беше брилијантен. Брилијантните луѓе некогаш се на работ на лудило“, рекол тој.
Семејството на Николај станало загрижено за него откако неговиот татко отишол во Порторико, каде Николај живеел во куќа од шест милиони долари.
Пријателите на ова момче изјавиле дека се шокирани од неговата смрт.
„Некои негови паранои беа засновани на факти. Откриваше работи. Знаеше работи. На Николај му здодеа секојдневниот живот. Трагаше по работи, постојано се ставаше во чудни позиции. Не беше поради пари“, рекол еден од нив.
„Го интересираше зошто работите се такви какви што се и корупцијата која стои зад тоа“, навел негов пријател.
Полицијата во Порторико продолжува со истрагата.