Пејачката на Роксет, Мари Фредериксон почина денеска на 61-годишна возраст по долгогодишна битка со тумор на мозокот.
Здравствените проблеми за Фредриксон почнале во 2002 година кога ѝ бил дијагностициран туморот. Мари на 11 септември 2002 година утрината се вратила од трчање, по што почувствувала вртоглавица. Потоа се онесвестила во купатилото и ја удрила главата во мијалникот. Кога се освестила, веќе била сместена во болница, каде ѝ ја соопштиле страшната вест. Потоа следувале неколку циклуси хемотерапии и операции. Долгогодишното лечење ѝ направи на Мари проблеми со видот, со моторичките функции, па дури и со зборувањето.
Во 2016 Роксет се обединија за нова турнеја, но повторно се врати тешката болест. Тогаш лекарите ѝ советувале да ги откаже настапите, по што Мари се прости од фанови преку Фејсбук:
„Беа фантастични 30 години. За жал, морам да соопштам дека моите турнеи веќе завршија. Се заблагодарувам на сите обожаватели.“
Инаку, светска слава на Роксет им донесе албумот „Look Sharp“ од 1988 година.