Моза Бинт Насер има седум докторати, пет синови и две ќерки, ја обожува високата мода, живее луксузно и активно се занимава со хуманитарната работа. Таа е третата сопруга на катарскиот емир, којашто отскокнува од правилата на оваа традиционална блискоисточна земја, а се шпекулира дека му е миленичка на нејзиниот сопруг така што не зачудува тоа што таа во јавноста се појавува со откриено лице.
Моза се омажила за катарскиот емир во 1977 година, кога имала 18 години и додека сè уште била студентка, додека подоцна во 1986 година дипломирала социологија на универзитетот во Катар, а исто така има завршено мастер студии по јавна политика во исламот. Интересно е да се спомене дека неколку западни универзитети, како што е познатиот универзитет Карнеги Мелона, ѝ имаат доделено почесни докторати.

Моза своето знаење одлично го применува во пракса, активна е во многу организации, како што е Арапската демократска организација, Организацијата за образование, наука и развој на заедницата, како и разни програми за помош на децата, а Моза е исто така и голем хуманист.
Моза секогаш за себе вели дека пред сè, таа е горда мајка на пет синови и две ќерки, меѓутоа светот ја познава по нејзината раскошна облека, префинетиот и единствен стил. Магазинот „Vogue“ ја вброи Моза помеѓу петте најдобро облечени жени во светот, а познатиот Џулиен Мекдоналд ја нарече Моза „новата Џеки Кенеди“.

Моза ги обожува модните парчиња на Шанел, Диор, Жан Пол Готје, Валентино, а оваа елегантна жена води сметка и за тоа каков накит носи, па така таа исклучиво го носи накитот на „Cartier“, „Harry Winston“, „Buccellati“,„David Web“, „Diamond Diadem“. Што се однесува на обувките, омилениот дизајнер на Моза е „Christian Louboutin“, но таа редовно носи обувки од локалните дизајнери со цел да им даде поддршка.
Филантропија
Моза е особено ангажирана во Фондацијата Катар и тоа повеќе од 20 години, а нејзината мисија е да го подобри образовниот систем во Катар, а се залага и за науката како и за подобрување на животот во општеството. Преку оваа платформа Моза донесе бројни странски универзитети во својата држава и на тој начин ја зајакна врската помеѓу нејзината држава и остатокот од светот.

Таа има основано и „Silatech“, проект преку кој им помага на младите да започнат сопствен бизнис во земјата и во странство. Таа е исто така посветена и на решавањето на проблемите со семејното насилство, па поради тоа таа во целиот регион постојано работи на кревање на свеста околу овој проблем.
Раскошен живот
Моза во 2014 година, купи три куќи за 191 милиони фунти, а бидејќи се сместени една до друга, таа ги спои сите во една огромна палата и внесе раскош во нив карактеристичен само за кралските семејства.

Таа поседува неколку луксузни автомобили, а сопственичка е и на една престижна француска компанија која се занимава со преработка на кожа, па така не зачудува фактот што „Форбс“ ја вброи Моза во една од најмоќните жени во светот.