Двајца мажи од Соломонските острови, кои поминале 29 дена изгубени на отворено море бидејќи се расипал уредотз а навигација, се спасени на брегот на Папуа Нова Гвинеја – 400 километри од точката каде го започнале нивното патување.
Тие преживеале јадејќи портокали кои ги имале спакувано, кокосови ореви кои ги нашле во водата и пиејќи дождовна вода, пренесува „Гардијан“.
Ливе Нанџикана и Џуниор Колони го започнале своето патување од островот Мони, утрото на 3 септември, а патувале со мало моторно бродче. Мажите планирале да патуваат 200 километри јужно до градот Норо.
„И претходно сме патувале на оваа рута и мислевме дека и овојпат патувањето ќе е добро“, изјавил Нанџикана.
Но дури и за искусните рибари, рутата може да биде опасна и непредвидлива.
Само неколку часа по тргнувањето, нив ги фатил порој од дожд и силни ветришта, па рибарите не можеле да се ориентираат според својата околина.
„Кога не зафати ужасниот дожд, беше лошо, но откако се расипаа и уредите за навигација, стана навистина страшно. Не можевме да видиме каде одиме, па одлучивме да го исклучиме моторот и да чекаме, за да не ни се потроши горивото“, изјавиле тие.
Јадејќи овошје и пиејќи дождовна вода, рибарите биле изгубени на отвореното море 29 дена, а од својата цел биле оддалечени 400 километри. Но, тогаш забележале рибар кој ловел близу брегот на Папуа Нова Гвинеја.
„Не знаевме каде сме, но не очекувавме да сме во друга држава“, изјавил Нанџикана.
Мажите биле толку истоштени што кога на 2 октомври стигнале во крајбрежниот град Помина, требало да бидат пренесувани на раце од бродот до блиското засолниште.
По спасувањето, двајцата мажи биле однесени во локална клиника, а засега се сместени кај локалецот Џо Колеало.
Нанџикана истакнал дека искуството имало и позитивни страни, односно принудниот одмор од хаосот на глобалната пандемија.
„Не знаев што се случува со светот. Не слушнав ниту за Ковид, ниту за нешто друго. Многу сакав да се вратам дома, но мислам дека залутувањето прерасна во убав одмор од сè што се случува“, изјавил тој.