Неофицијално, учениците нeма да почнат со настава на 1 септември, а стартот на учебната година ќе биде пролонгиран поради неопходноста од правење на законски измени за наставниот процес.
Според информации на ТВ Сител, на утринскиот состанок на Комисијата за заразни болести каде присуствувале и министрите Адеми и Филипче, било укажано дека за да има скратени часови со физичко присуство на децата во училиштата, мора да има Собрание и Влада за да бидат направени измени во законите.
Тоа значи дека стартот на учебната година ќе зависи од преговорите и формирањето на новата Влада.
Инаку, се додека не се формира Владата, нема да стартува ниту новата учебна година, велат од Комисијата за заразни болести и за порталот Фактор.
-Се додека не се формира Влада и функционално Собрание не може да стартува учебната година со одредените измени кои ги препорачуваме и ние, како Комисија за заразни болести и Министерството за образование. За да се скратат часовите, малиот одмор, големиот одмор, мора да се направат законски измени, а за да биде така мора да имаме Влада и секако Собрание. Дури да се донесе и препорака наставата да биде онлај е потребно законски тоа да се регулира. Сите имени што ги правевме во март, април мај, сето тоа го правеше техничката Влада, но сега ситуацијата е поинаква. Ќе има одложување на стартот на новата учебна година се додека во земјава не се формираат највисоките државни органи,- вели изворот на Фактор.