Д-р Жан Митрев за Сител открива дека неговиот син Филан кој во судот во Франкфурт е обвинет за тероризам, живеел во Германија и тој немал контакт со него последниве неколку години. Д-р Митрев смета дека синот Филан избрал погрешен пат и за тоа треба да сноси одговорност.
–Додека беше малолетен, пробував да му помогнам колку тоа беше можно од далечина на 2000 километри. Но, беше тргнат по погрешен пат и пред 6 години се прекина контактот. Тој сега има 25 години и ако се огрешил пред законот ќе си ја сноси одговорноста. Многу ми е жал што како млад човек со сите можности, избрал најстрашен и најбесмислен пат во неговиот живот,- вели Митрев за Сител.
-Сакав да им покажам на моите родители дека можам сам да си го најдам патот и дека тој пат е добар – вака пред судот во Франкфурт Филан Митрев, објаснил зошто тргнал по погрешен пат.
Инаку, според германските медиуми Филан со уште двајца турски државјани се уапсени во ноември минатата година. Тројката, според канцеларијата на јавниот обвинител е идентификувана како „поддржувачи на терористичката милиција на ИСИС“.
Тие се обвинети за подготовки за извршување на религиозно мотивирано кривично дело во Германија користејќи експлозив или огнено оружје за да убијат што е можно повеќе луѓе, таканаречени „неверници“.