По бурните реакции на јавноста околу инцидентот на македонската претставничка на Евровизија, Андреа, која го фрли државното знаме по подот, таа утринава пак се обрати до јавноста, со уште едно извинување.
„Сакам на сите уште еднаш со цела почит да ви се обратам. Навистина ми е жал за сето ова што се случува. Се извинувам на сите за непромислената и брза одлука, намерата не ми беше лоша. Напротив, со голема љубов и гордост го носам знамето овие денови. Самото тоа што сум тука е чест за мене да ја претставувам Македонија и тоа навистина сакам да го направам со достоинство.
Многу сум благодарна што сум тука во Торино и што со гордост ја претставувам нашата земја.
Се извинувам уште еднаш од сѐ срце, а македонското знаме ќе продолжам да го веам гордо како до сега, така и наредните денови“, напиша Андреа на Фејсбук.
Инаку, Основното јавно обвинителство до овој момент нема отворено предмет за настанот кој ја разбранува македонската јавност.
„До овој момент нема индиции дека во настанот имало намера државното знаме да се изложи на подбив и исмејување“, велат од Обвинителството за „Слободен печат“.