Легендарната американска тенисерка Серена Вилијамс ја совлада Црногорката Данка Ковиниќ со 6:3, 6:3 и се пласираше во 2.коло на УС Опен. Ова ќе и биде последен турнир во кариерата, па секој меч на последниот Гренд слем сезонава може да биде нејзино збогување, а нејзиниот спонзор се погрижи да си замине со голем стил.
За тоа делумно се погрижила и самата, бидејќи новата колекција на производителот на опрема што ја опремила е дизајнирана по нејзина желба. Инспириран е од фустаните што ги носат уметничките лизгачи. Фустанот има шест слоја за да ги симболизира нејзините шест титули на Флешинг Медоус, првата од кои ја освои во 1999 година како 17-годишна девојка.
Направиле и специјална јакна и чанта за нејзиното повлекување од професионалниот тенис и ги обложиле со кристали за уште повеќе да се истакне за време на вечерниот меч, а на нозете носела специјално издание тениски чевли од истиот бренд, кои биле обложени со дијаманти и исто така блескаа под рефлекторите на Флешинг Медоус.
Патиките се со златни врвки и дијаманти дизајнирани во соработка со нејзината компанија Serena Williams Jewlery. Серена со американскиот производител на спортска опрема работи од 2003 година, а нивната соработка ќе продолжи и по нејзиното пензионирање.
На големиот видео ѕид беа истакнати пораки со поддршка и поздрави од бројни тениски и светски ѕвезди кои имаа што да ѝ кажат на победничката на 23 Грен слем. Серена на овој турнир ќе игра и во двојки со својата сестра Венус.
„Не можам да зборувам за неа, но ќе биде многу забавно да се игра двојки со неа. Не сме играле заедно долго време и навистина се радувам на тоа. Знам дека ќе звучи како клише, но би сакала мојата животна приказна да ги инспирира луѓето. Јас сум од Комптон во Калифорнија и успеав“, додаде Серена.