Британскиот актер Арон Тејлор-Џонсон (31) неодамна прослави 10-годишнина од брак со сопругата Сем Тејлор-Џонсон (54).
На романтичната забава со која го одбележале овој важен датум, сопружниците ги обновиле и своите брачни завети, уште еднаш потврдувајќи дека имаат еден од најстабилните односи во светот на шоубизнисот, и покрај разликата во годините.
Имено, Сем е постара 23 години од Арон, а парот се запознал во 2008 година во текот на снимањето на филмот „Nowhere Boy“ во кој тој глумеше, а таа го режираше истиот. Сем тогаш имала 42, а Арон само 18 години.
На нивната интимна забава присуствувале најблиските пријатели и семејствата. Режисерката носела широко бело здолниште надополнето со класична бела кошула, додека аткерот бил многу шармантен во крем одело.
„Вчера беше најубавиот ден, нашата 10-годишнина од брак. Ги обновивме завети и пред нашите најблиски и најдраги пријатели и семејство ја прославивме љубовта и радоста. Деценија брак. Тоа беше магичен и незаборавен ден и сонцето не престана да блеска. Неверојатно сме благословени. Семи, ти си моја љубов, мој живот, моја сродна душа, моја сопруга, мој свет“, напишал Арон на Инстаграм со неколку фотографии од прославата.
И Сем ја споделила нивната заедничка фотографија со емотивна порака: „Десет славни години. Мој неверојатен сопруг, татко на 4 девојчиња. Те сакам. Љубовта победува се“.
Инаку, згодниот актер своевремено раскажа дека во истиот момент кога ја видел знаел дека таа е неговата сродна душа и дека сака да го помине остатокот од животот со неа.
Познатиот Британец потенцирал и дека никогаш не почувствувал разлика во годините помеѓу себе и својата избраничка, објаснувајќи дека не можел да се спореди со ниту еден свој врсник кога имал 19 години бидејќи уште тогаш живеел живот кој нема врска со стандардното растење.
„Знаев дека сакам семејство со неа, знаев дека сакам деца и еден месец подоцна таа го носеше нашето прво дете“, изјавил Арон.
Парот има 2 деца – 11-годишната Вајлда и 9-годишната Роми, а режисерката од претходниот брак има уште 2 ќерки.
Интересно е што презимето Тејлор-Џонсон кое и двајцата го носат е всушност комбинација од нивните презимиња кои ги имале пред да застанат пред олтарот – Арон се презивал Џонсон, а Сем – Тејлор-Вуд.