Се запалил автобус на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје на последната постојка на бројот 57 во населбата Козле.
„Денеска, неколку минути претпладне, во двоспратен автобус „Јутонг“ кој сообраќа на линија 57 избувнал пожар, во кој за среќа нема повредени патници, причинета е само материјална штета. Во моментот на опожарувањето, автобусот бил на последната/почетната постојка во Нерези и во него немало патници“, велат од ЈСП.
Внатрешната контрола на ЈСП Скопје веднаш излегла на терен, при што, од изјавата на возачот и околни сведоци, констатирала дека пожарот избувнал во делот кај што се наоѓа моторот.
„Благодарение на присебноста на возачот и неговата брза реакција, избегната е поголема штета. Возачот употребил два ПП апарати, а во меѓувреме интервенирало едно противпожарно возило“, додаваат од ЈСП.
Случајот е пријавен и во МВР и во тек е утврдување на причините за настанот.