Поранешниот репрезентативец на Романија, Банел Николица исчезнал и му се губи секаква трага, јавуваат локалните медиуми.
Николица ја напушти Романија, а медиумите јавуваат дека се криел од лихвари откако позајмил 100.000 евра, а таа сума пари не можел да ја врати.
Летово кариерата ја заврши во третолигашот Фауреја, но поради своето однесување не престанува да биде вест во родната земја. За романската репрезентација од 2005 до 2014 година одигра 37 натпревари, а најдолго во кариерата играше во Стеауа. Го носеше и дресот на Сент Етјен, Нант, Арис од Лимасол…
За Николица зборуваше и брат му Стелијан, но наведува дека сите приказни биле измислени.
„Не можам да ви кажам каде е, но Банел не избега. Тој игра фудбал и тренира некои деца во странство. Навистина ме забавуваат приказните за Банел што ги измислуваат новинарите. Не е должен и е во добра здравствена состојба“, изјави братот на Николица.
Порталот „Диги спорт“ објави дека Николица моментално се наоѓа во САД, каде наводно се вработил како ѕидар за плата од 3.000 долари месечно. Секој месец на своите доверители им испраќа по 1.000 евра.
Сопственикот на Стеауа, Џиџи Бекали, нема поим каде се наоѓа поранешниот фудбалер.
„Не знам ништо за ситуацијата на Банел Николица и не знам што прави. Долго време не сум разговарал со него и, искрено, не ни знаев дека од Романија заминал во САД. Ситуацијата на Банел навистина не ме интересира бидејќи имам други работи на ум. Секој оди со својата работа и проблеми“, рече Бекали.