Велешанецот Јордан Јованов го прослави својот именден и 40 ти роденден. Но, немаше славеничка песна, ниту радост во неговиот дом, oбјави ТВ 24. Јордан нема пријатели. Ниту колеги од работа. Единствениот другар е неговата неподвижна мајка Ангелина, овие четири мувлосани ѕидови и подот кој почнал да се поткопува до земја. Студот е секојдневието за овие луѓе. За да заштедат од дрвцата кои им останале, старото ќумбе го палат попладне. До тогаш, 75 годишната Ангелина седи во ладно. Се грее со термофор и шише топла вода в раце. Јордан го трпи студот. Сиромаштија не е вистинскиот збор да се опише животот на овие луѓе – туку беда.
Јордан својот живот го посветил на грижа за својата болна мајка. Неизмерно ја сака и не сака да помисли да се раздели од неа. Ниту е оженет, ниту пак во последните 15 години, по мозочниот удар на мајка си, знае што е забава. Поради обрските кон неа, не може ниту да работи.Од дома излегува еднаш месечно. Да плати комуналии и од тоа што ќе остане од парите, да купи нешто за јадење. Никогаш не задоцнил со плаќање на сметките за струја и вода. Но, никогаш и не се пријавил во социјалните институции, за да добие социјална помош. Низ солзи раскажува дека итно му е потребна помош за огрев, оти дрва веќе нема. Сметката му е блокирана, откако пред повеќе години некој го насамарил да му биде жирант за кредит, кој никогаш не бил платен. Ова семејство е вистински тест за државата, која себе си се нарекува социјална. На потег се институциите, кои треба да најдат трајно решение за овие луѓе, но и хуманите граѓани, кои барем малку можат да го ублажат страдањето на мајката и синот од Велес.
Контакт: Јордан Јованов 074 600 659
Инаку, министерката за труд и социјална политика, Рашела Мизрахи денеска ги посети мајката и синот од Велес.
-Го посетив домот на Јордан Јованов и неговата мајка Анѓелина затоа што условите во кои живеаат се загрижувачки. Очајно им е потребна помош и веднаш се заложувам да помогнам со еднократна парична помош. Исто така и од Центарот за социјални работи во Велес ќе побарам веднаш да ги посетат и да се разгледа можноста за користење на правото за социјална пензија или годишен минимален приход.
Мило ми е што веќе неколку приватни фирми се јавиле да понудат директна помош за станбениот дел, напиша Мизрахи на Фејсбук.