Поранешниот министер за надворешни работи, Никола Димитров, чија мајка Ратка Димитрова, пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ во првиот состав на македонското Собрание, почина вчера, со трогателна порака се збогува од неа.
-Беше полна со љубов, грижа и чиста енергија, Ратка, моторот на Димитрови. Ведрина, радост и бодрење, поткрепа даваше широкоградо, на толку многу луѓе. Македонските маки ги доживуваше како да се нејзини лични. Го береше гајлето на нацијата. Блескаше што и да фатеше, од фамилијата, па животниот повик – музиката, до општото, каде имаше само идеали и една чудесна и чиста наивност, толку многу потребна во политиката денес. Синоќа, во последниот повик до татко ми, на крајот го прашала каков бил денот во Собрание.
Со чувство на бескрајна благодарност, исконска љубов и огромна тага, да ти биде светол патот мајко моја јунак! Се гордеам што сум твој син, – напиша Димитров.