Основното јавно обвинение поднесе одвинение против кардиохирургот Жан Митрев, но и против Клиниката „Жан Митрев“ за продолжено кривично дело – измама.
„По спроведена претходна постапка, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје денеска до Основниот кривичен суд Скопје поднесе – Обвинителен акт против едно физичко лице и Обвинителен предлог против правно лице кои се товарат за продолжено кривично дело – Измама од член 247 од Кривичниот законик“ информираа од Јавното обвинителство.
Оттаму посочуваат дека „во текот на постапката првично оформена по допрен глас, јавниот обвинител обезбеди докази за поткрепа на основаните сомненија дека обвинетиот, во периодот од јуни 2020 година до јуни 2022 година, со намера за правното лице – приватна здравствена установа да прибави значителна противправна имотна корист, со прикривање факти ги довел во заблуда оштетените пациенти лекувани во болницата од Covid – 19 кај кои е извршена хемофилтрација и членови на нивните семејства, со што ги навел секој од нив да стори штета на својот имот во различни износи, а во вкупен износ од 97.461.600 денари“.
„Обвинетиот на пациентите и во јавноста прикажувал дека методот хемофилтрација е одобрен да се применува и е ефикасен за лекување од Covid – 19, притоа користејќи ги приликите на здравствената криза предизвикана од пандемијата. Тој се повикувал на документ издаден од Американската управа за храна и лекови во април 2020 година, со кој на компанијата „Бакстер“ и било издадено овластување за вонредна употреба на Оксирис сетот (Oxiris Set Device), како медицинско средство со кое се спроведува постапката за хемофилтрација кај пациенти со потврден коронавирус, на возраст од 18 години или повеќе кои се на интезивна нега со потврдена или итна респираторна слабост и потреба за прочистување на крвта. Меѓутоа, можноста за употреба на методот кај пациенти заболени од Covid – 19 тој не смеел да ја промовира, истовремено прикривајќи го фактот дека методот не е одобрен во третманот на оваа болест, ниту од издавачот, ниту во нашата земја, како и дека овластувањето за медицинското средство е издадено само во вонредна постапка поради пандемијата, со дефинирани критериуми и опсег на примена. Исто така, покрај потенцијалниот бенефит, третманот имал и сериозни потенцијални ризици за кои пациентот морал да биде запознаен, па средството не смеело да се прикажува како безбедно или ефикасно во третманот или превенцијата од Covid – 19“ се вели во соопштението од ОЈО.
Од Клиниката Жан Митрев вела:
Се гледаме на суд е нашиот одговор на денешната одлука на Основното јавно обвинителство да се гони д-р Жан Митрев за измама, велат од Клиниката Жан Митрев откако обвинителството соопшти дека е поднесено обвинение против д-р Жан Митрев, а како резултат на документарецот „Нечиста крв“ објавен од ИРЛ пред неколку месеци.
Оваа лакрдија од неосновани напади на суд ќе мора да се докаже, а ќе биде тешко да се докаже бидејќи вистината е дека ниту еден пациент не бил измамен и сите третмани и процеси во болницата биле јавни и транспарентни и во интерес на пациентите. Со тоа на суд ќе падне и самото обвинение на ОЈО.
Повторуваме дека Клиниката и во најтешките периоди работеше според највисоки здравствени стандарди, транспарентно и во согласност со веќе утврдени и дозволени методи на лечење, кај нас и во светот. Со ова ќе ја докажеме вистината и фактичката состојба, за нашата работа дека се што беше направено во Клиниката Жан Митрев, беше направено за пациентите и според дозволени методи и стандарди на лекување.
Ние како клиника, во текот на целиот овој процес целосно соработувавме со институциите и ги отстапивме сите наши материјални и човечки капацитети со цел вистината да излезе во јавност и транспарентно да се докаже дека наша цел и функција отсекогаш била да лечиме и да им дадеме најдобра медицинска нега на пациентите. Така и ќе остане во иднина.