Русија и Украина се приближуваат до договор за „клучните“ прашања, нагласи турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу во интервју објавено денеска, додавајќи дека се надева дека ќе се постигне примирје доколку двете страни не се откажат од досегашниот напредок.
Чавушоглу, кој минатата недела отпатува и во Русија и во Украина за да разговара со своите колеги Сергеј Лавров и Дмитриј Кулеб, за турскиот весник Хуриет изјави дека има конвергенција на позициите на двете страни за важни теми, клучни теми.
– Можеме да кажеме дека се надеваме на примирје доколку страните не се повлечат чекор од сегашните позиции, тврди Чавушоглу без дополнително објаснување.
Портпаролот на турскиот претседател Ибрахим Калин за телевизијата Ал Џезира изјави дека двете страни се приближуваат до четири клучни прашања. Тој го наведе барањето на Русија Украина да се откаже од амбициите за влез во НАТО, демилитаризацијата, потоа она што Русија го нарекува денацификација и заштитата на рускиот јазик во Украина.