Шпанскиот тенисер Рафаел Надал и неговата долгогодишна девојка Марија Франциска Перељо – Чиска, се венчаа денеска на северот на Мајорка, во кругот на семејството и пријателите. Судбоносното “да”, парот го изговорил во замокот “Ла Форталеза” кој датира од 17-ти век и кој се смета за најскапо приватно сопствеништво во Европа.
На листата од 500 гости има бројни спортски „фаци“. Тука се фудбалерите Кристијано Роналдо и Икер Касилјас, кошаркарската мегаѕвезда Пау Гасол, како и бројни тенисери: Моја, Ферер, Вердаско, Лопез… Интересно, на листата на гости ги нема двајцата главни ривали на Надал Роџер Федерер и Новак Ѓоковиќ.
На венчавката присуствувале и поранешниот крал на Шпанија, Хуан Карлос и неговата сопруга Софија. Шпанските медиуми пренесуваат дека Надал и Перељо, кои се во врска веќе 14 години, сакале едноставна и интимна венчавка.
За припрема на храната бил задолжен еден од најдобрите готвачи кој поседува и Мишелин ѕвезда, Макарена де Кастро.
Инаку, во текот на церемонијата била забранета употреба на мобилни телефони и други уреди со цел да се спречи фотографирање и снимање на истата.