Зоран Михајлов
Овој пат ќе се вратам малку назад, кон крајот на 60-тите и почетокот на 70-тите години, период во кој фудбалерите на Вардар беа најмаркантните фигури во македонскиот спорт. На сите вљубеници во фудбалот Вардар не им излегуваше од уста, тоа беше време кога сите живее со својот миленик, тој беше нивната гордост, љубов и освежување во секојдневието. Но, во натпреварувачката 69-70-сетта година се случи Вардар да испадне од Првата лига. Беше претпоследен со 26 бодови, пред Загреб кој имаше само 15. Шампион тогаш беше Црвен звезда, која му побегна на лутиот градски ривал Партизан за два бода.
Постарите љубители на фудбалот добро знаат дека секогаш Вардар кога ќе се најдеше во незавидна ситуација, спасот го бараше кај големиот фудбалски маг-најголемиот фудбалер во годините пред, за време и во првите години по Втората светска војна, Кирил Симоновски-Џина. Тој беше лекот за раната, само тој знаеше да го поврати тимот и атмосферата, па иако Вардар испаднат од Првата лига, со Џина го продолжуваше патот како ништо да не се случило. Џина во Вардар беше секогаш добродојден, ценет и почитуван, знаеше веднаш да се вклопи во скопскиот амбиент, чиј производ всушност беше и тој. И така, во таа тешка 70-сетта година, откако по осумгодинишно континуирано играње во најсилната лига, скопскиот клуб се најде во второлигашка конкуренција, Џина беше спасителот. Го презеде кормилото на Вардар со амбиција само по едно лето, повторно да го врати тимот онаму каде што му беше местото – во Првата лига. Засилувања не бараше, сметаше дека со постојниот играчки кадар може да ја исполни поставената задача. Тука беа од поискусните: Мето Спасовски, Сократ Мојсов, Драган Мутибариќ, Атанас Мечкаров, познат по својата борбеност и неприкосновеност, потоа Ѓоко Николовски, Крсто Врбица, Лазар Плачков, Баже Анчевски, Диме Георгиев, Благоја Димитровски и тандемот Јосиф Сребров-Ванчо Балевски ,кој требаше да биде моторната сила на тимот.
Од македонските тимови , тогаш во Втората лига се натпреваруваа уште Тетекс, Работнички, Победа, Брегалница од Штип и МИК од Скопје, чие полно име беше Метална-индустрија Кале, кој подоцна мина во рамките на младинското спортско друштво Скопје, во чие семејство и денеска се наоѓа.
Вардар прв противник имаше во Тетекс. Го совлада тешко со 1:0, но победа си е победа. Џина воопшто не беше загрижен од неефикасоста, првенството беше долго и требеше да се тактизира, не по секоја цена да се инсистира на погодок. Негова девиза беше да се игра цврсто, а резултатот ќе дојде сам по себе.И навистина така беше-Вардар само еднаш во есенскиот дел од првенството постигна три гола – против Слога од Краљево,на сите други средби максимумот беше – два, од кои најзначајни беа оние два гола за победа над опасната Трепча во тогашна Титова Митровица, во последното есенско коло. Тоа беше победа за мирно презимување до пролетта, кога се очекуваше да се разгори вистинската битка. И навистина така беше : Вардар секаде беше пречекуван како фаворит,со респект, но и на нож. Сите сакаа да го совладаат, тој беше предизвик за противниците и за гледачите. Пролетта не беше нималку лесна, а стартот на Вардар загрижувачки. Најнапред пораз од 2:0 од Тетекс во Тетово, потоа реми во Скопје против Раднички од Пирот, и тоа без голови, за да дојде до мала конослидација, исто така по ремито без голови во Кралево, за конечно тимот да проработи против Победа, која на Градскиот стадион во Скопје пред околу 10 илјади гледачи да биде совладана со 3:0. Потоа се тргна онака како што посакуваше Џина и бројната вардарова армија од навивачи. Десет кола скопскиот тим беше без пораз, за дури во последното коло да го совлада Трепча и тоа во Скопје со 2:1 – и да му се реваншира за есенскиот пораз на свој терен. Но,овој последен пораз не донесе промена на табелата Вардар беше прв со 43 бодови,колку што имаше и Борац од Чачак, против кој пак интересно Вардар дома загуби, а во гости победи. Резултатот и на двете средби беше 1:0. Прилепска Победа заврши на 3-тото место, Работнички беше 6-ти, МИК 7-ми, Тетекс 12-ти, а Брегалница 14-та, во конкуренција на 16 тимови.
Меѓутоа, Вардар иако прв директно не влезе во Првата лига, го очекуваа уште две квалификациони кола, со екипите од другите втори лиги, кои завршија на првите две позиции. Првиот противник беше -Будуќност од тогашен Титоград,сегашна Подгорица, а вториот Осиек.