Зоран Михајлов
– Незаборавниот лет од рингот по освојувањето на европската профи титула во Белград.
-Со нокаут и до светската титула во Милано
Секој новинар има еден период во кариерата на кој со посебен жар се сеќава и често во мислите се навраќа на тоа време. За мене, а верувам и за бројниот телевизиски аудиториум, годините минати на коментаторската позиција покрај рингот, ми се чини дека останаа толку впечатливи што и ден денеска кога ќе се сретнам со некој пријател или пак човек што ги следел случувањата во боксот ќе ми рече: ах што убави времиња беа тие, незаборавни. Секој што со воздишка ќе го кажеше ова, верувам дека асоцираше на времето на двајца големи шампиопни Хрватот Мате Парлов и нашиот најголем боксерски ас Аце Русевски.Тие двајца, поради своите постигнувања беа најприсутни на екраните, а нивните настапи долго време се прераскажуваа, а помладите некогаш дури и на улица ќе се подберее меѓу себе и ќе ги имитираа. Навистина двајцата оставија печат на своето време – Мате нешто порано, зашто првиот медал од големите приредби го освои во 1969 година во Букурешт на Европското првенство за сениори – сребрен, а Аце пет години по него, во 74-тата кога беше трет на Европското младинско првенство во Киев. Во тие први години од седмото десетолетие во минатиот век Парлов беше на врвот од славата како аматер, зашто зад себе по настапот во Букурешт ја имаше и европската титула од Белград 73-тата, а една година подоцна стана и олимписки шампион во Минхен, за потоа да стане светски првак во Хавана. Откако овде освои се што можеше да се освои, нормално неговите апетити беа пораснаа и сега целта му беше да стигне до врвот и на професионалниот бокс, за да ја комплетира боксерската кариера.
Триумфален лет
Се сеќавам уште на почетокот од профи-настапите го привлече вниманието и за добрите познавачи на благородната вештина тој беше боксерот кому му се насмевнуваше европската и светската профи-титула во полутешка категорија. И така беше: во 76-тата година по победата над Италијанецот Адинолфи, на рингот во Белград поставен на популарната Маракана, пред повеќе од 20 илјади гледачи ја освои европската круна. Финишот од мечот беше пеколен, Парлов имаше повеќе сили, полесно се движеше на рингот и го отвораше патот кон победата, за конечно откако ја слушна судиската одлука, од среќа да полета преку јажињата на рингот и да долета право во прегратките на навивачите, кои ја очекуваа ваквата реакција на Мате. На радоста и немаше крај, цел Белград беше на нозе, а јас со колегата Никитовиќ од тогашнат белградска телевизија и Вели Враничи од Приштина, кој исто така беше голем познавач на боксот, бевме поканети од менаџерот на Парлов – Борис Крамаршиќ на вечерата во еден од рестораните во популарната Скадарлија, за да ја прославиме големата победа. Таму меѓу многуте личности од боксот беше и големиот вљубеник во благородната вештина поранешниот министер за внатрешни работи, Јордан Мијалков.
Величествен пречек на шампионот под Исарот
Така,седејќи и коментирајќи ја се уште туку што завршената борба, Јордан ми рече : Зоки,ќе видиш, ако не сега, ама кога – тогаш ќе го донесам Мате да боксува во Македонија. Му одговорив дека тоа би било супер. И навистина,така беше. И не само еднаш туку повеќе пати Парлов гостуваше во Македонија, а Мијалков не ја испушташе приликата кога шампионот ќе дојдеше во Македонија, да го прошета и до родниот Штип. Овде пак илјадници граѓани ќе го пречекаа големиот шампион на платото пред тогашниот хотел Астибо. Никој не сакаше да го испушти големиот настан и средбата со Мате Парлов кој беше вистински миленик на бокерскиот свет. Се сеќавам токму оттука, од Штип и еден полесен меч во Скопје, тргна кон освојување на титулата светски првак против Куељо во Милано.
Мечот во Палацо дело спорт, во непосредна близина на стадионот Сан Сиро, почна мирно. Куељо ги избегнуваше првите контакти, не се впушташе во ризик, впрочем мораше да биде внимателен, тој ја бранеше титулата. Парлов пак кој гореше од желба да се искачи на светскиот врв, полека почна да го најавува агресивниот бокс, кој нешто подоцна се претвори во вистински пекол. Аргентинецот беше изненаден, како да беше ставен во кафез од кој не можеше да побегне. Мате распалуваше од сите страни, го користеше сето расположиво оружје, почувствува дека доаѓа неговиот момент. Конечно со едно десно кроше кое ја погоди на најчувствителното место брадата на Куељо, дотогашниот светски првак беше декласиран и така Хрватот за прв пат ја освои титулата светски првак.