Зоран Михајлов
Фудбалерите на Вардар во натпреварувачката 1970/ 71-ва, откако го освоија првото место во Втората лига, мораше да играат дополнителни квалификации за влегување во елитното друштво. За второлигашката голгота пишував во минатиот запис, во кој меѓу другото цел ми беше да го потенцирам и името на тогашниот тренер и голем фудбалски велемајстор Кирил Симоновски – Џина, кој во Вардар доаѓаше кога ќе беше најгусто, за да му помогне и да го извлече од незавидната ситуација.
Прв противник на Вардар во прволигашките квалификации му беше Будуќност,од Титоград, сегашна Подгорица. Во Скопје немаше проблеми. Вардар победи со 3-0, и со убава предност требаше да патува на реваншот. Врбица,кој беше дојден во Вардар од Војводина, уште во времето на Хуго Рушевљанин и Антал Лика, заедно со Балевски, Спасовски, Диме Георгиев беа вистинска напаст за голот на Црногорците. Едноставно на тој 20 јуни 71-ва на вардарци се им поаѓаше, па противникот беше декласиран уште по првата од двете пресметки. Реваншот,кој беше само формалност не го дочека својот крај. По водството на Вардар од 1:0 во првото полувреме, во вториот дел Будуќност израмни. Но,во 75-тата минута поради влегување на нервозните навивачи на теренот, кои видоа дека му нема лек на нивниот миленик, натпреварот беше прекинат.
Првата пречка беше мината, но дури сега требаше да дојде она вистинското. Осиек, кој во тие години беше во голем подем, беше следниот противник на Вардар. Атмосферата беше подгреана до највисока точка. Во Скопје и во Македонија не се зборуваше за ништо друго освен за фудбалот и за тоа дали Вардар ќе успее. Џина беше молчалив, никогаш не се расфрлаше со изјави, тоа беше една од неговите карактеристики. Ретко ќе се случеше да се отвори и гласно да прокоментира за нешто што очигледно го мачеше.Така беше и овојпат, пред многу значајната средба. Јас тукушто се бев вратил од Светското првенство во кајак на диви води во Мерано,Италија, каде поранешниот југословенски состав предводен од Миле Спасовски беше комплетно македонски, добив задача веднаш да заминам за Осиек и тогаш како новинар на Нова Македонија да известувам за случувањата во следниот вардаров противник. Но, до некои изворни информации не можев да дојдам, па така од она што ќе го слушнев од осиечките колеги ќе составев извештај. Причината за неможноста да дојдам до непосредна информација лежеше во фактот што фудбалерите на Осиек не беа дома, туку беа сместени во еден замак, во близина на унгарската граница, во кој во мир се подготвуваа и заедно со тренерот Милан Чабриќ ја очекуваа првата пресметка со Вардар. Овде, на тренинзите за да не се открие некоја тактичка тајна, пристап имаа само два-тројца новинари, оние што беа најблиски до клубот. Па така тие ни служеа како главни информатори, но од нив ретко можеше да се добие она што навистина е клучно и ме интересира. Нормално беше,впрочем да сум на нивно место и јас би постапил така, да не откриваат се и да си го штитат својот клуб. Дури се случуваше да пласираат и нешто што нема врска со вистината, па затоа морав да бидам внимателен и со резерва, иако се работеше за колеги, да ги примам, а потоа и да ги пласирам информациите.
Најпровокативно од се ми беше зошто раководството на Осиек, токму за овие квалификации го ангажираше познатиот психолог, Роткиевиќ. Во ваквите моменти човек станува и суеверен, па си помислив дури и на некаква магија. Но, по она што се случуваше подоцна, излезе дека се било ветер и магла. Ниту Чабриќ, ниту Роткиевиќ не можеа да го спасат својот тим, по оној страотен удар на Мето Спасовски за водство на Вардар од 1:0, што беше и конечен резултат од првиот меч. На овој гол на Мето се сеќавам како тоа да беше вчера. Изведуваше слободен удар од левата страна, шест-седум метри подалеку од аголот на шеснаесетникот. Беше мајстор за вакви удари, во кои често и живиот зид не можеше да помогне. Топката профуче покрај поставените противнички играчи и отседна во мрежата. Тоа беше студент туш за полното гледалиште, голема радост за нас и надеж дека желбите ќе се исполнат и Вардар повторно ќе се врати меѓу прволигашите. Но,со Осиек имаше уште една средба, па требаше да се зачува и силата и концентрацијата. Реваншот се играше на 11 јули, среде лето, кога температурата се искачуваше редовно преку 30-тиот степен. Пред средбата бевме изненадени кога и покрај жештината, фудбалерите на Осиек излегоа од автобусот со ќебиња. Да биде уште почудно ( тоа секако беше измислица на недефинираниот психолог Роткиевиќ) тие десетина минути пред да излезат на теренот,според зборовите на Илија-економот на Вардар, лежеле завиткани во нив.Што беше ова и ден денеска не ми е јасно. Остана да се памети само резултатот и новата победа на Вардар од 1:0 за ново враќање, овој пат под водството на искусниот Џина во Првата лига. Тоа беа и последните денови на вардаровата легенда Кирил Симоновски-Џина минати во своето Скопје и во Вардар. Потоа,патиштата го одведоа на други страни,а тоа која ќе биде негова следна дестинација не решаваше само тој, туку и раководството на Партизан. Така беше во тоа време, но факт е дека сите ние што имавме можност да контактираме со него, засекогаш ќе се сеќаваме на него – како човек кој својата фудбалска љубов му ја посвети на Вардар.