Зоран Михајлов
-Јанко Луковски со Андоновски беше еден од најдобрите југословенски бековски тандеми
Кошаркарите на Работнички во годините по катастрофалниот земјотрес во Скопје, во 1963 беа вистински хит. Преку ноќ тие станаа миленици на спортската публика, која секогаш, особено по првото влегување во елитната југословенска лига им даваше максимална поддршка. Едноставно КК Работнички стана спортски синоним на Македонија, не само на просторите на поранешната држава, туку и во Европа. Тој во периодот кога го доживуваше својот расцут можеби немаше играчи со којзнае какви кошаркарски предиспозиции, но затоа пак тие имаа срце и душа,имаа карактер. Токму тој адут го искористи легендарниот Лазар Лечиќ, кој од истите тие кошаркари создаде еден цврст и хомоген тим. Со неговата појава почна да се осовременува играта под кошевите, па како резултат на тоа дојде до доблиужување на македонската до југословенската кошарка.
Еден од плејадата играчи, што има посебно место не само во клубот, туку и во нашата кошаркарска историја секако е Јанко Луковски. Тој, заедно со Стерија Андоновски, популарно наречен Дули, многу години беа главните адути во екипата. Без нив, едноставно не можеше да се замисли Работнички.Тие беа бековски тандем кој го посакуваше секоја прволигашка екипа. Нивната рака беше прецизна, речиси непогрешлива – и доколку тогаш имаше „тројки“ редовно ќе беа меѓу најефикасните играчи. Кога тие ќе ги наштелуваа нишанските справи- „страдаа“ и најголемите ривали. Јанко беше и бескомпромисен борец на теренот, беше темпераментен играч со големо срце.
Она што го красеше Работнички, а можеби и го издигнуваше над другите екипи беше другарството и хармонијата во тимот.Тоа беа момчиња кои дишеа како еден, а немирниот дух на Лечиќ и кај нив како да ги разгоре страстите,па така тие сакајќи да се докажат прераснаа во големи играчи.
Во 1962 година Јанко веќе заигра во младинската екипа на Работнички, за која настапуваше на републичките првенства. Уште на стартот од кариерата, покрај тоа што импресионираше со својата борбеност, кај него се забележуваа и многу други особини кои говореа – дека може да се развие во голем кошаркар.
И навистина така беше. По почетните години во кои мина низ онаа задолжителна младинска селекција, Јанко Луковски за невообичаено краток период заигра и за сениорската екипа на Работнички. Стана стандраден првотимец, а некогаш и исходот од натпреварите зависеше од неговата игра.
По неколку неуспешни квалификации за влегување во Првата лига, кога малкумина очекуваа и веруваа дека тоа може да се случи, во 1964 година Работнички на турнирот во Славонски Брод конечно се избори за прволигашкиот статус!
-Се сеќавам тоа беа многу возбудливи моменти за сите нас, вели Јанко Луковски.Таму не водеше Цефи, но не можејќи да издржи, на решавачките натпревари се приклучи и Лечиќ, кој побегна од војска за да биде со нас. Ете, дотаму одеше тој ентузијазам.
Влегувањето на КК Работнички во најсилното југословенско друштво беше рамно на сензација. Но,тоа и наметна обврска за Управата која мораше да мисли за создавање на услови за нормална работа, а Лечиќ беше тој што требаше да се грижи за играчкиот кадар. Практично тогаш беше создаден оној тим, кој подоцна неколку години беше магнет за гледачите ширум поранешната држава.
Јанко Луковски, што е и нормално, не го заборава своето деби во прволигашката конкуренција.
-Тоа беше натпреварот со Борац од Чачак. Бев изненаден, а помалку и уплашен кога на состанокот пред мечот Лечиќ ми рече дека јас треба да го чувам нивниот најдобар стрелец Мишовиќ. До вчера не можев ни да сонувам дека еден ден ќе играм со него, а сега требаше и да го чувам! Откако почна натпреварот цело време бев покрај него, се борев, го бркав по теренот. На крајот Лечиќ беше задоволен од мојот учинок. Незапирливиот Мишовиќ сепак дојде до својот просек на постигнати кошеви, но затоа пак не го надмина.
За тогашниот Работнички беше проблем што во тоа време немаше високи играчи. Едноставно во Македонија „двометрашите“ тешко се наоѓаа.
-Тоа беше голем хендикеп, вели Луковски. Но,затоа пак ние со борбена и фанатична игра го надополнувавме тој недостаток. Лечиќ беше авангарден тренер, не се плашеше и секогаш ќе измислеше нешто ново. Така,се случуваше некогаш да играме дури со пет бекови. Но,сите „гиневме“ на теренот и секогаш го дававме својот максиумум. Затоа,и новинарите често за нас знаеја да напишпат дека „лавовски“ сме се бореле.
Кошаркарскиот свет се чудеше на ваквиот начин на игра. Но, Лечиќ честопати немаше друг избор, ростерот на играчи со кои располагаше, тоа го наложуваше. Така, благодарејќи на тие импровизации дојде и до некои иновации во играта, па се стигна и до онаа „зона прес“,по која долги години Работнички беше препознатлив. Ваквата зона ,се разбира само на моменти стана и дел од играта на југословенската репрезентација.
Јанко на клупата на Црвена звезда
Јанко Луковски беше познат по својот темперамент, па така знаеше понекогаш да изведе и некој потег за да ја развесели публиката во салата.
-По еден противнапад во мечот со Црвена звезда, враќајќи се назад кон нашата половина, дојдов и седнав на клупата на Црвена звезда, – раскажува Јанко Луковски.
-Звездините играчи не знаеја што се случува и помислија дека сум се збунил и сум ја „промашил“ клупата. Не можеа да сфатат дека јас тоа го направив нив да ги збунам, а и за забава на гледачите.