Зоран Михајлов
– Страхил Андреевски повратникот од Египет конструктор на првиот ринг.
-Живко Дуковски прв носител на медал од државните првенства.
-Бранко Фијат имаше незаборавни мечеви во дресот на Црвена звезда
Македонија отсекогаш имала и можела да се гордее со асови во боксерскиот спорт. Ова наше поднебје како да е создадено да раѓа боксерски таленти, кои подоцна во зависност од условите и грижата што им се дава стигнуваат дотаму до каде што ќе стигнат. Многумина од тие боксерски таленти пропаѓале, но голем е бројот на оние што испливувале, па и покрај не секогаш добрите услови за тренинг, се вивнувале во боксерските височини и претставувале некој и нешто во благородната вештина. Уште како дете кога одев, а подцна ќе ви кажам каде беа тие места каде што се негуваше боксот во Скопје, се запрашував, дали не е малку апсурдно за овој машки спорт, во кој противниците одат на нож со желба кој кого побрзо да нокаутира, да се нарекува благородна вештина. Подоцна и како коментатор од многу боксерски настани и Олимпијади, и тогаш се обидував, но да бидам искрен, не најдов адекватен одговор зошто боксот го нарекуваат благородна вештина. Но, ова не е тема во мојата приказна , зашто записот е посветен на сеќавањата , на она што ќе не врати назад , помладите да чујат, а постарите да се потсетат на минатото време и на асовите што ја градеа историјата на овој спорт .
Живко Дуковски
Можеби се ќе беше поинаку и работите ќе имаа еден друг тек, доколку таму некаде по Втората светска војна од Египет не се вратеше Страхил Андреевски. Некои сега првпат го слушаат неговото име, оние пак што уште во педесеттите го засакаа боксот веднаш ќе речат, па тој беше основоположникот или како што често знаеме да кажеме пионерот во боксерскиот спорт. Андреевски долги години живееше во Каиро, таму уште како мало дете беше отселен со родителите, не знам точно дали некој од неговите претци живееше во Египет, па тие го повлекоа неговото семејство. Тоа не ми е познато, но многу добро знам дека токму тој Страхил Андреевски беше човекот што ги запали воинствените скопски момчиња за боксот, беше нивни прв тренер заедно со Бато Ѓорѓевиќ, а потоа го направи и првиот ринг во Македонија. Андреевски беше вработен на Градскиот стадион во Скопје, па нормално тука го конструираше рингот, кој за време мечевите беше поставуван на атлетската патека пред главната јужна трибина, а некогаш се случуваше да биде лоциран и на источната страна, од кај стариот семафор или како што популарно знаевме да ја наречеме оваа трибина за стоење, зашто клупи за седење немаше, исто како што беше случајот и со западниот дел од стадионот. Впрочем овој лик на трибините можеби и половина век не беше изменет, па и оние помладите посетители на стадионот , ако не се сеќаваат како изгледаше реконструираната јужна трибина, барем овој простор добро им е познат. Некои сега ќе ги потсетам дека неколкупати рингот беше поставуван и на сцената од летното кино во скопскиот Луна парк, а се сеќавам еднаш и во Универзалната сала во Скопје и тоа за еден “Златен гонг“ на кој меѓу другите настапи и легендарниот Марјан Бенеш.
Живко Дуковски
И така, на тој ринг ги видовме и првите наши шампипони, кои попдоцна откакло добија искуство и малку созреаја, ги вкрстуваа ракавиците со боксерите од Хрватска и Србија , кои во тоа време беа водечки во поранешна Југославија. Бато Ѓорѓевиќ, Панче Леов, Андревски – Штука, Перо Трајковски беа меѓу првите што почнаа да чекорат на рингот во овие наши простори, за подоцна да дојде една плејада од таленти во која отскокнуваа, како Живко Дуковски, Бранко Фијат, Живорад Шишковиќ, Олклевски и уште десетина, да не го заборавам и мојот колега новинар Георги Ајановски долгогопдишен уредник, потоа и главен уредник во Нова Македонија. Тогаш се тренираше , па дури и мечевите се одржуваа во нефункционални сали. Едната онака минијатурна се наоѓаше под јужната трибина на стадионот, а втората кај поранешното кино Карпош .Сега, на тој простор никна голема зграда, покрај неа уште една, две, три… И јас не знам колку, но толку колку да го загушат Дебар маало. Не го велам ова од жал за салата , зашто и таа не беше кој знае каква, но го велам од жал за дебармаалската физиономија, која современите урбани архитекти и инвеститори во борба за профит, не мислејќи за удобното живеење, ја уништија. Едноставно го загушија просторот, не помислувајќи дека тука можеби треба да остават малку простор не за сала, далеку од тоа, од неа и онака ќе немаат ќар, барем да оставеа простор за неколку детски игралишта, за нишалки, лулашки,за игра, зашто таа игра е почеток на спортувањето.Но,кој да мисли на тоа.
Јас пак малку се оддалечив од она што ми е цел , па еве се враќам на неа и на времината минати.
Во втората половина од 50-сетите години Македонија во големата бивша југословенска копнкуренција го доби и првиот освојувач на медал на државните првенства. Тоа беше Живко Дуковски кој стигна до финалето на Шампионатот одржан на Ташмајдан во Белград. И покрај поразот во завршната битка тој беше вистинско откритие на тоа првенство. Дуковски располагаше со одлична техника, но она што беше најсилно кај него и по што се разликуваше од другите беше итрината со која ја водеше борбата. Не беше фајтер да урива се пред себе и да мисли само со еден удар да го реши мечот, туку беше боксер кој ја градеше борбата, ги откриваше слабите страни на противникот и размислуваше за тоа каков ќе биде следниот потег. Дуковски можеше да постигне многу повеќе, но рано го напушти рингот, иако и ден денеска е покрај него. Тој со уште неколкумина беше творец на најпознатиот турнир кај нас, кој се здоби и со меѓународна афирмација “Златниот гонг“. Во периодот кога Дуковски беше активен имаше и други асови, секој на свој начин, интересен и привлечен за гледачите. Бранко Фијат беше издржлив, имаше остар удар и многу лесно се движеше на рингот. Тој неколку години беше член на белградска Црвена звезда, а таа пак беше повеќекратен југословенски шампион. Со неа Фијат имаше многу гостувања во Европа, а се сеќавам по еден настап во Швајцарија го нарекоа, чудото од југот. Беше навистина одличен боксер,но и со специфичен имиџ на облекување , па и по тоа беше препознатлив. Бело-црната боја на чевлите му беше омилена( за нас невообичаена), а од белото одело не се одделуваше. Перо Трајковски беше нашиот најпознат тешкаш. И тој целиот живот го мина покрај рингот, од боксер во Вардар, па до тренер речиси се до смртта во истиот клуб.
Ете,тоа се нашите легенди од почетните години на боксот во Македонија. Тие, практично го трасираа патот за оние што дојдоа подоцна и што стигнаа дури до олимписки медали. Но,за нив нешто подоцна, кога ќе им дојде редот.
(фото: ипон.мк)