Зоран Михајов
Исмаил Мачев својата атлетска кариера ја започна во средината на 70-сеттите години во АК Работнички и тоа на патеки што не му одговараа – 5 и 10 километри, за потоа тренерите да видат дека е тој атлетичар со спринтерски квалитети. Така, беше прекомандуван на патеките од 200 и 400 метри, повремено и 800, и тука почна да ги постигнува оние вистински резултати. Уште во првите трки се покажа дека тренерите на Работнички не погрешија што го насочија кон спринтот зашто навистина како да беше „роден“ за трките на кусите патеки. Кога на ова ќе се додаде дека тој во текот на трчањето имаше еден извонреден ритам, веќе беше јасно дека патеката од 400 метри ќе биде онаа вистинската во која најмногу ќе може да постигне. На оваа делница се уште е македонски рекордер со 46,27 секунди, резултат постигнат на Медитеранските игри во Казабланка во 1983 година.
Во периодот на 80-сеттите и почетокот на 90-сеттите години тој беше меѓу најдобрите тркачи на 400 метри во Југославија, за која настапуваше на најголемите светски приредби. Инаку,во тој период Мачев веќе не беше член на АК Работнички, туку на Црвена звезда која тогаш ги собираше најдобрите атлетиичари од ју-просторите за да може да ги освојува екипни титули во поранешната држава и да ја добива битката со лутите ривали Партизан, Динамо и Младост од Загреб, Железничар од Сараево , Олимпија од Љубљана и Кладивар од Цеље. Токму поради таа селекција на најдобрите, меѓу кои беше и Исмаил Мачев, Црвена звезда постојано се закитуваше со екипните и куп-титулите во поранешната држава.
Заминувањето на Мачев во Белград се покажа како добар потег и нему му се отворија поголеми перспективи. Набрзо стана член на националната репрезентација, за која беше стандарден во штафетата, а во зависност од формата настапуваше и во поединечните трки на 200 и 400 метри. Така, тој на Игрите на Медитеранот имаше две втори места во поединечните трки во Латакија 1987 и во Атина три години подоцна. Во таа 1991 година, Мачев како член на југословенската штафета 4 пати по 400 метри за малку го загуби бронзениот медал на Светското првенство во Токио . Тоа 4-то место во светот беше примено како голем подвиг не само од југословенските туку и од светските тренери.
Инаку, во својата кариера,покрај СП во Токио, Мачев учествуваше уште на едно СП во Рим 1987, потоа настапи на ОИ во Сеул-1988,а беше учесник и на три ЕП на отворено.
Откако ја заврши кариерата Исмаил Мачев повеќе од 20 години беше еден од главните тренери за спринт во Црвена звезда. Тој остана да живее таму и повремено доаѓаше во Македонија. За последен пат се сретнав со него пред три години на европскиот зимски атлетски крос на Ушче во Белград. Како и секогаш беше весел и расположен, тој секогаш во атлетското друштво имаше почесно место дури и тогаш кога во прашање беа шегите.
Се сеќавам на него уште како детенце кога ќе се појавеше на патеката на “Градски“ во Скопје и ќе се мачеше на долгите патеки, за конечно своите звездени атлетски моменти да ги доживее на 400 метри.
Исмаил Мачев, не го гледавме често во Скопје откако замина во Белград, но ќе се сеќаваме на него како атлетичар роден во ова наше поднебје.
На крајот и за една судбина: Лазо Милошевски кој во 50-сеттите години беше рекордер на Македонија и репрезентативец на Југославија на истите патеки како Мачев-200 и 400 метри и тој на млади години ја напушти животната сцена совладан од истата подмолна болест-ракот. Мачев почина на 59 годишна возраст. Тој беше роден во Скопје, во 1960 година.