Зоран Михајлов
– Лазар Лечиќ како тренер на светскиот кошаркарски шампион имаше отворени врати насекаде, но тој ја одбра Олимпија.
– И селекторот Ранко Жеравица, еден од најдобрите стручњаци во светот беше расположен за тимска работа и често ги прифаќаше советите на Лечиќ
За Лазар Лечиќ и неговата кошаркарска биогафија може да се напише цела книга, бидејќи се работи за еден неверојатно богат, исполнет со многу интересни згоди, кошаркарски живот. За случувањата околу неговиот прв договор надвор од Работнички и од Скопје пишував во минатиот запис, па сега ќе се навратам на неговиот втор излет, овој пат во Олимпија, денешна Унион Олимпија од Љубљана. Меѓутоа, на овој трансфер претходеше еден голем кошаркарски настан одржан во поранешна Југославија, чија завршница беше токму во Љубљана. Се работи за Светското кошаркарско првенство на кое поранешна Југославија, на изненадување на сите го освои првото место.
Лазар Лечиќ беше дел од стручниот штаб на репрезентацијата на чие чело се наоѓаше Ранко Жеравица, еден од најголемите тренери во тој период не само на просторите на поранешната држава, туку и во Европа. Атмосферата во која се одигра тоа првенство беше фантастична, се беше подредено на нашите кошаркарски асови-само да успеат и да се искачат на највисокото место на пиедесталот. За таа цел, како што тоа беше вообичаено во тогашниот систем ,на чело на организационите одбори се наоѓаа познати личности од политичкиот живот, чиј збор минуваше насекаде, па според тоа не беше проблем да се обезбедат средства за да може приредбата да биде организирана на највисоко ниво. Така,на чело на организацијата на ова светско првенство се наоѓаше големиот вљубеник во спортот Стане Доланц, тогаш десна рака на Тито и секретар на Централниот комитет на СКЈ. Околу него се вртеше се, тој беше човекот од кој зависеше целокупната организација. Интересно,пак токму Доланц, како да имаше слабост кон Лечиќ, чии шоу-претстави го привлекуваа и во него гледаше магнет за инаку студената љубљанска публика.Тој го поддржа предлогот Лечиќ да биде во репрезентативниот стручен штаб, што подоцна се покажа добро, зашто во неколку наврати токму лазовите предлози како да се игра,особено во одбраната , во некои средби одиграа решавачка улога.На Жеравица воопшто не му пречеше да ги реализира и во практика советите од своите помошници, се разбира, кога ќе оценеше дека тие се од корист.
Светското првенство-виза за Олимпија
Се сеќавам пред средбата со Американците, на состанокот во хотелот на Блед, каде што беше сместена нашата репрезентација во моментите кога Жеравица објаснувал како да се одигра во одбрана, Лечиќ дошол до таблата, ја земал кредата и нацртал како тој мисли дека треба да се игра во одбрана. Тоа беше онаа позната зона-прес, агресивна одбрана, која ја лансираше Работнички во тогашното југословенско првенство. Жеравица не се налутил за овој ненадеен настап на својот помошник, туку напротив по минута две размислување рекол дека можеби е добро да се проба со таква игра во одбраната. На теренот навистина беше така и Југославија стигна до златниот медал.
Ова ви го раскажувам само како увертира на она што требаше да се случи подоцна. Имено,уште тогаш љубљанчаните пикираа на Лечиќ, а човекот што требаше да каже амин на целата работа беше токму Стане Доланц. Овој без размислување го даде својот глас, зашто тој тоа го посакуваше уште за време на светското првенство, од тие моменти некако почна да се гради љубљанската стратегија околу доаѓањето на македонскиот стручњак на чело на една од најдобрите , не само југословенски, туку и европски екипи.Така, двеипол години по светското првенство Лечиќ се најде во Олимпија, на чие чело во тој период беше првиот човек на љубљанскиот синдикат Милан Кучан, 20-тина години подоцна и прв претседател на Република Словенија.
Потегот на љубљанчите се покажа како оправдан и тоа од два аспекта-прво беше доведен квалитетен тренер, кој зад себе имаше и една светска титула и второ, а тоа беше она што им требаше на навивачите и играчите, Лечиќ беше како инјекција малку да ги раздвижи и повторно да ја разбранува словенечката кошарка. И навистина така беше, салата Тиволи постојано беше полна, Олимпија повторно заживеа, а кошарката се врати на првото место меѓу екипните спортови.
Истата година Лечиќ беше иницијатор Олимпија да учествува на популарниот Охридски турнир, кој во летниот период беше вистинска атракција за бројните туристи. Неколупати љубљанчаните во Охрид и Македонија, главно на инсистирање на Лазо , ги одржуваа своите подготовки.
Во периодот кога Лечиќ беше тренер на Олимпија, имав можност повеќе пати да патувам за Љубљана, да коментирам најразлични спортски настани. Но, во 74-тата претстојував во континуитет речиси две недели, бидејќи во главниот град на Слоовенија се одржуваше Светското првенство во хокеј на мраз Б група, кои натпревари директно беа пренесувани на програмите на тогашната ЈРТ. Така,од поблизу можев да видам колку е Лечиќ овде прифатен и каков авторитет е, кога под негови ингеренции работеше дури и легендата на словенечката кошарка Иво Данеу. Испуштив да кажам дека на одењето на Лазо во Љубљана кумуваше и еден поранешен скопјанец, инаку Словенец- Борис Кристанчич.Тој беше активен играч,а во еден период таму некаде во 50-сеттите години и репрезентативец на поранешна Југославија. Се сеќавам кога се запознав со него, бев изненаден од тоа колку чисто зборуваше македонски, како да не се работеше за Словенец.Токму во тој човек, кој беше авторитет за Словенија, Лечиќ имаше силна поткрепа меѓу играчите, а Кучан и Доланц беа за негова поткрепа кај политичарите,зашто сакале да признаеме или не, во бившите времиња тие беа креатори на севкупната политика,во општеството,се разбира вклучувајќи го тука и спортот. Затоа,беше многу битно да имаш зад себе некоја од тие големи зверки.
Милан Кучан поради функцијата што ја имаше беше постојано во допир со кошаркарите, за да покаже и во практика колку му е близок овој спорт, на иницијатива на Лазо, тој изгради мини кошаркарско игралиште веднаш до станот во една љубљанска апартманска населба, тогаш многу ексклузивна, верувам дека и сега е така.