Зоран Михајлов
– Парите од првиот договор надвор од Скопје,го оставија без сон популарниот тренер.
-Прв потег: договор со првата звезда на клубот Мишовиќ.
-Шумадински кајмак за среќен пат
– На гости кај Мирослав Илиќ
Во средината на 70-сеттите години, покрај помошниот фудбалски терен на Работнички, во салата во Градскиот парк истоимениот кошаркарски клуб го имаше еден од најголемите тренери-шоумени во тој период Лазар Лечиќ. Дека тој беше творец на современата македонска кошарка веќе е кажано во времепловот и тоа многупати. Овој пат ќе ве постетам на некои негови шоуменски манири со кои ги анимираше сите околу себе и стануваше еден од најпривлечните тренери на поранешните ју-простори. Но, да почнам со ред онака како што ми навираат сеќавањата.
ПРОБЛЕМИ СО БРОЕЊЕТО
Заедно со Лечиќ заминав на потпишувањето на првиот негов договор надвор од Македонија. Тоа беше во Борац од Чачак, екипа која играше значајна улога во тогашната кошарка, а во своите редови го имаше првиот југословенски стрелец Радмило Мишовиќ. Тој знаеше на еден натпревар да постигне и повеќе од 40 кошеви, иако тоа беа дуели со една Југопластика, Босна, Црвена звезда, Олимпија или Партизан. Низ клубот додека беше Лечиќ мина и еден од најдобрите европски кошаркари Драган Кичановиќ, кој подоцна стана вистински кошаркарски виртуоз, заедно со Славниќ на југословенската кошарка, која жареше и палеше на терените ширум светот. Во Чачак Лечиќ беше пречекан со највисоки почести. Дента кога пристигна речи си сиот град како да беше излезен на плоштадот, очекувајќи го исходот од преговорите кои ги водевме во популарната Овчар Бања, лоцирана на патот кон тогашно Титово Ужице на 20-тина километри од Чачак. Околу договорот немнаше проблем, требаше само да се потпише и да се додефинираат уште некои ситници. Потоа, дојде она најбитното, броење на парите и тоа во канцеларијатана клубот сместена во салата. Така, броејќи ги парите што беа утврдени со договорот, во еден момент влезе Мишовиќ, а од провевот парите се разлетаа и практично не знаевме колку од нив се изброени. Па, почна ново броење, овој пат со затворена врата да не се случи истото, па да има повторно и повторно брооење. Откако, би рекол оваа најважна работа беше завршена, Лечиќ во негов стил веднаш се интересираше за тоа каква опрема има клубот, дали е таа квалитетна, зашто во тоа време и тоа беше многу значајно. Како што знаеше Лечиќ да каже, некогаш и опремата доколку е таа од оние врвните производители знаеше да предизвика ако не страв, барем почит од противниците. Така, откако економот му ги донесе дресовите и тренерките, тој излезе надвор , фрли еден комплет во Морава и рече: зарем во ова ќе настапуваме, јас ќе средам преку моите пријатели од Италија, за коректна цена да добиеме врвна опрема од која ќе им се стресат коските на сите кога ќе не видат. И така беше, кефот на новоангажираниот тренер не смееше да се скрши.
Следната работа што ја презеде беше договорот со Мишовиќ, за кого знаеше дека е вистинска звезда и миленик на публиката, да има почит меѓу нив двајца, зашто без тоа нема да има ниту слога, ниту резултат. Мишовиќ ја прифати подадената рака и меѓу другото вети оти ќе се откаже дури и од омиленото рибарење додека трае кошаркарската сезона. Многумина не можеа да сфатат дека Мишовиќ е толку омекнат, но тој беше свесен оти со Лазо ќе треба да тактизира и да заборави некои работи што дотогаш беа негово секојдневие ако сака да биде и натаму прва виолина во тимот.
КАДЕ СЕ ПАРИТЕ?
Меѓутоа денот минуваше , во актовката беа сместени парите, кои цврсто ги држевме час јас, час тој. Не сместија во хотелот Морава, и тоа на првиот кат. Легнавме, ама око не можевме да затвориме, зашто цел Чачак и Шумадија знаеја оти договорот е потпишан и парите се земени. Реагиравме на секое шушкање или тропот, за некаде околу полноќ да слушнеме страотно тропање на вратата. Отворете, овде е Аца, сакам да се видиме. Му го препознав засипнатиот глас на мојот колега дописник на белградски “Спорт„ Аца Стефановиќ, или како што популарно го нарекуваа Аца Пуж. Станав и ја отворив вратата, а Аца онака како што го дал господ веднаш распали: па каде сте пријатели мои,зарем може овој настан да мине без мене. Знаевме што не чека, облекување и седенка до рани зори во најблиската меана. Во хотелот и не се вративме, се беше со нас. Си помисливме, барем со Аца кого сите го познаваа сме безбедни, а и парите се сигурни. Утрото се упативме најнапред кон салата, таков беше договорот од претхподниот ден, да земеме неколку мали каченца со шумадински кајмак, демек за среќен пат, и да тргнеме кон Скопје. Можете да замислите каков беше кајмакот, на него и ден денеска се сеќавам, таков кајмак имав пробано само уште еднаш или двапати и тоа кога одев повторно во Чачак овој пат да ги следам натпреварите на Борац под водство на Лечиќ.
На враќање кон Скопје имавме уште една епизода: некаде кај Ушче, тоа е едно мало место на реката Ибар, познато по своите одлични кајакари со кои нашите претставници во овој спорт и денеска се одлични пријатели, не сопре полиција. Откако видоа кој е во автомобилот, полицајците веднаш рекоа : а-ха, значи тука се парите. Ние,почнавме да мумламе, какви пари, што пари, за што зборувате. Тие само се насмеаја , документи не ни побараа, ни посакаа среќен пат и успех на Борац во наредната сезона. Очигледно и тие беа негови навивачи. Во моментов, се присетив и на една попатна средба. Имено, недалеку од Чачак во селото Мрчаевци уште на одење му ветивме напопуларниот, фолк- пејач Мирослав Илиќ дека на враќање ќе го посетиме и ќе бидеме негови гости. Не очекуваше со нетрпение, го интересираше каква била средбата со чачаните, дали се било во ред, иако преку печатот веќе разбрал за договорот. Но, како пријател го интересираа и други детали, што беше нормално, зашто трансферот на Лечиќ од Работнички во Борац, беше нешто за што тогаш најмногу се зборуваше, а колку пари добил беше она што ги “голицкаше“ сите. До ден денеска вистинската сума ја знаеме само ние што бевме на броењето, а парата за тоа време и тие услови беше енормно голема. Тогаш паднаа во сенка дури и големите фудбалски трансфери. Централно место на спортските страници во весниците заземаше овој кошаркарски трансфер. Потоа, имаше уште еден потпис на договор со уште посилен и поафирмиран клуб-Олимпија од Љубљана, но за тој трансфер на кој му кумуваше првиот претседател на Словенија, по распадот на Југославија.