Зоран Михајлов
По враќањето на Вардар во Првата фудбалска лига и оној незаборавен меч со Трепча во 1979 година, во Скопје и Македонија се зголемија апетитите и сите посакуваа скопскиот тим – не само да биде епизодист, туку да стане фактор во југословенскиот фудбал. Васил Рингов заедно со неговиот цимер и одличен другар Влатко Димитровски, потоа искусните Кочо Димитровски и Ѓоре Јовановски, требаше да бидат фудбалерите кои ќе ги „повлечат“ другите меѓу кои исто така имаше играчи со докажани квалитети. Тука беше Сандре Маневски, потоа голманот Благоја Георгиев, а и Драган Мутибариќ кој се врати повторно во Вардар . На кормилотот и натаму беше Стјепан Бобек, легендата на светскиот фудбал. Тој практично ја селектираше оваа генерација,во која беа Петар Георгиевски, Томче Трајановски и Тони Савевски кои дојдоа од Пелистер, потоа Гордан Здравков и Гоце Алексовски од Брегалница, подоцна им се приклучија Драги Стинов и Момчило Грошев кои и беа позајмени на Победа, за списокот да се заокружи со тетовскиот тандем Стоимир Урошевиќ и Милко Симовски. Во тој период се назираа и неколку квалитетни младинци од вардаровата школа меѓу кои најмногу се наметнуваа со својот квалитет и игри Дарко Панчев, Коки Аврамовски и Сашко Тодоровски.
Бобек имаше фудбалски шмек и доколку не се случеа оние здравствени проблеми и операцијата во Хјустон тој сигурно уште долго ќе останеше во Вардар. Тој го имаше фудбалот во малиот прст, од него можеше многу да се научи. Но, ете поради операцијата на срцето не смееше да се изложува на стресови, а во фудбалот тоа не е можно, затоа тој го најави своето заминување по првата сезона, по враќањето во Првата лига.
Симпатизертите на Вардар беа разочарани, зашто со него чувствуваа сигурност. Тој беше име, кој во критичните моменти можеше да се наметне со својот авторитет и нема да дозволи никој да си поигрува со Вардар. Но, за жал здравствената ситуација беше таква што мораше да се раздели од Вардар, а и од својата голема љубов – фудбалот во кој ги демонстрираше долги години своите фудбалски квалитети во Партизан и во југословенската репрезентација.
По заминувањето на Бобек од Вардар, клубот за шеф на стручниот штаб го ангажираше Вукашин Вишњевац. Тој беше тренер кој се пробиваше на фудбалската сцена, најнапред преку Сараево а потоа и Олимпија.
Главна звезда во тимот во тој период беше Васил Рингов. Од неговата игра често зависеше дали Вардар ќе победи или не. Тој беше алфа и омега на тимот во кој во меѓувреме созреа цела генерација од млади фудбалери предводени од Дарко Панчев. Сите тие станаа врвни фудбалери со изразен квалитет кој ги издигнуваше над другите и практично подоцна ги доведе и до освојувањето на титулата во поранешна Југославија.