Зоран Михајлов
– Сотировски беше трикртатн шампион на Македонија,во периодот кога беа удирани темелите на древната игра во нашата држава.
-Незаборавни спомени од шаховскиот дом.
-Епизодата со првиот македонски првак Павле Бидев
Со името на Благоја Сотировски, популарно наречен Џагуре, се врзани многу убави моменти од македонската шаховска историја.Тој на сцената се појави уште од младинските денови,како средношколец во гимназијата Цветан Димов во Скопје, непосредно по Втората светска војна – за експресно да стане и сениорски првак на Македонија.Овој податок најубаво зборува за каков талент се работеше.Џагуре едноставно си поигруваше со фигурите на црно-белата табла и ги довдуваше пред свршен чин своите противници. Во времето кога се уште активен беше првиот македонски шампион и еден од основоположниците на шахот кај нас – Павле Бидев, да се биде пред него и да се триумфира на републичкото првенство тоа беше вистински подвиг. А,токму тој подвиг го оствари Сотировски во 1951 година, кога зад себе , покрај Бидев, остави многу познати имиња на македонскиот шах, како Евгени Мартиновски,Тиквешански, Кукински, Јован Софревски, Васил Панов, Крум Крстев, Борче Илиевски…Но,тука не застана Џагуре и во 1953 и 1954 година стана шампион и потврди дека првиот триумф не бил случаен, туку дека се работи за шахист со голем потенцијал и неверојатна меморија.
Случајност или судбина?
Интересно е кажувањетона Благоја Сотировски-Џагуре како дошол во шахот:
-Во осмо одделение ,н аместо нашиот дојде друг наставник по фискултура. Тој веднаш мина на главното и ни рече дека наместо игри и гимнастика, ќе ве научам да играте шах. Сите бевме изненадени, некои од нас и не знаеја дека постои таква игра. Јас имав слушнато за шахот, но ни на крај памет ни паѓаше да почнам да го играм. Едноставно не бев заинтересиран и заедно со еден мој другар отидовме во последната клупа и почнавме да ја играме играта ,,подморница,,. Откако наставникот забележа дека ние не обрнуваме внимание на она што го кажува, не опомена и ни рече дека ќе ни стави двојка по фискултура (тогаш единица немаше, двојката беше најниската оценка).
-Но,некогаш случајноста станува судбина, ја продолжува својата приказна Џагуре. Замислете тој наставник по фискултура не беше никој друг, туку токму Павле Бидев првиот македонски шаховски првак, кој подоцна издаде и многу шаховски книги со потези од партиите на најславните светски шахисти.Од моментот кога ми се закани дека ќе добијам двојка по фискултура,некако се повеќе почнав да мислам на шаховската игра. Подоцна, брат ми кога се врати од едно патување ми донесе шаховска книга од велемајсторот Недељковиќ, која многу ме заинтригира. Од тие моменти шахот стана составен дел од мојот живот и се почесто одев во шаховскиот клуб, една мала просторија во близина на старата Католичка црква во Скопје.Таму секојдневно се собираа по десетина и повеќе шахисти, меѓу кои имаше и играчи со титули. Го засакав шахот и решив комплетно да му се посветам, па затоа никој не беше изненаден кога ќе ме видеше во новата локација на тогашниот шаховски дом на улицата Гоце Делчев, сега Максим Горки, во центарот на Скопје. Тука секојдневно ги анализирав партиите на шаховските легенди ,а најефектните потези ги сместував таму некаде во мојата меморија.
Брз пат до првата титула
Благоја Сотировски кариерата ја почна во ШК Гимназијалец, за да продолжи во Градител, кој беше клуб со шампионски димензии.Како и другите поквалитетни шахисти, потоа Џагуре продолжува во најреномираниот клуб во тој период Студент.
Интересна беше сликата во шаховскиот дом. Ако таму беше Џагуре и играше партија со некој од другите шахисти на клубот, тука се собираа сите оние што практично беа редовни посетители на ова ова шаховско катче. Секогаш во партиите на големиот талент имаше по некој нов, неочекуван потег, кој ги збунуваше ривалите, а предизвикуваше восхит кај кибицерите. А, меѓу оние што често доаѓаа тука да одиграат или погледаат некоја партија беа и многу познати интелектуалци, како Блаже Конески, кој еден период беше и претседател на Шаховскиот сојуз на Македонија, потоа професорите Пенушлиски, Димитар Митрев, Гане Тодоровски,Трајко Стаматовски и други.
-Тоа беше вистински наш,шаховски дом,носталгично се сеќава Сотировски на тие времиња.Тука кроевме плановите за иднината, тука ја подготвувавме стратегијата за настапите на сојузните натпревари на нашиот клуб Студент.Токму тие секојдневни контакти придонесуваа да осознаам нешто ново за шаховската игра и длабоко да навлезам во неа. Затоа,за оние што доаѓаа секојдневно во нашиот дом, освојувањето на мојата прва титула – шампион на Македонија во 1951 година не беше изненадување, но за оние што недоволно ме познаваа тоа беше рамно на подвиг. Инаку, радоста од триумфите за првпат ја почувствував кога станав гимназиски првак, потоа победив на еден турнир во Тетово, па на други натпревари на кои добивав искуство и станував се посигурен.
Во 1950 година на младинското првенство на Југославија, Џагуре го освои 6-тото место .Тоа беше голем успех, кога се знае дека поранешната држава беше шаховска велесила, која редовно се враќаше со медали од големите приредби.
Прво одбиено, потоа прифатено реми со Ивков
Во кариерата на Благоја Сотировски-Џагуре имаше многу турбулентни мечеви. Тој беше таков играч,непредвидлив и никогаш не се знаеше што ќе смисли во следниот момент.Така беше и во еден меч во Скопје,на еден од полуфиналните турнири за првенството на Југославија,со тогашниот младински светски првак Бора Ивков.
-Некаде по 15-тиот потег од партијата,која многу се искомпликува, веројатно да не се мачи и да бара нови решенија Ивков ми понуди реми, се сеќава Џагуре. Во истиот момент во салата, во која дотогаш ќе се слушнеше и мува ако пролеташе, настана жагор. Сите беа изненадени и зачудени, како тоа еден Бора Ивков самиот да понуди реми. Сите беа во очекување на мојата реакција, а од првиот ред познатиот боксер, потоа боксерски судија Панче Леов го извади чевелот и почна да мавта со него. Ми се закануваше да не го прифатам понуденото реми, туку да продолжам да играм. Јас тоа го сторив,продолжив,но на крајот по една драматична игра се најдов во цајтнот , па јас бев тој што предложив реми, кое Ивков го прифати. Сега немаше реакции во салата. Наместо тоа се слушнаа аплаузи, упатени кон мене зашто да се ремизира со еден таков шахист како Ивков беше голема работа. Потоа тој се разви во врвен играч, заедно со Глигориќ и Матановиќ, беше столб на југословенската репрезентација на сите големи натпревари. Ивков стана еден од најценетите светски велемајстори.
СИМУЛТАНКИ
Во тоа време, впрочем како и денеска,многу популарни беа симултанките.
Џагуре се сеќава на повеќе настапи на симултанките,на кои организаторите обезбедуваа и добри награди:
– Победата можеше да ни донесе и по 5 илјади динари, што за тоа време беше добра сума. Најчесто игравме во Гевгелија и во Неготино. Затоа не е ни чудо што од Неготино излегоа повеќе добри шахисти меѓу кои и повеќекратниот шампион Трајче Недев. Традицијата очигледно го прави своето…
ТРИ ПОБЕДИ НАД КАПЕТАНОТ
На пат за една симултанка кон Неготино, Џагуре во Велес навратил во Домот на ЈНА. Таму неприкосновен бил капетанот Миланче, кој ги добивал сите противници. Чекајќи ја следната жрвта на спротивната страна седнал Џагуре. Миланче самоуверено ја почнал партијата и на почетокот доживеал шок, бил матиран. Слична судбина доживеал и во втората партија, и во третата…Сите биле изненадени, најмногу неговиот претпоставен мајор, кој го запрашал: што е ова бре Миланче?
Подоцна откако Џагуре им открил кој е и дека претходниот ден ја освоил титулата првак на Македонија, повторно во салата се вратила ведрата атмосфера. Демек Миланче не загубил од некој случаен минувач, туку од шампион .
Лична карта:
Благоја Сотировски-Џагуре
Роден 1932 година во Скопје
Кариера:ШК Гимназијалец,ШК Градител,ШК Студент,ШК Капабланка(САД)
Успеси:
Три пати сениорски првак на Македонија
Шести на младинското првенство на Југославија 1950 година
Победник на Отвореното првенство на Вашингтон 1972 година
(Идната недела: Уште две титули за шаховската историја)