Помладата сестра на момчето убиец Коста Кецмановиќ на судењето признала дека на еден собир со другарите таа им истурила од средството за чистење „Доместос“ во соковите, пишува српска Република. Сестрата сведочела заедно со мајката на Коста. Овој случај не е поврзан со масакрот, но бил дел од исказот.
– На еден собир со други деца им истурала од (средството за чистење) „доместос“ во чашите со сокови. Сѐ завршило среќно бидејќи едно од децата забележало чуден вкус на чашата и им кажало на своите родители. Потоа настанала паника, а кога децата се смириле, откриено е кој е виновникот. Сестрата на момчето убиец признала сѐ и објаснила дека тоа е „детска игра – вели информиран извор од истрагата.
Децата и нивните родители ова го прифатиле, но ги прекориле родителите на Кецмановиќ.
– Не би било првпат децата да не знаат да разликуваат „игра“ од реални опасности, да помешаат реалност и фикција, но затоа се тука родителите. Нивна должност е да се грижат за воспитувањето на синовите и ќерките, а и за нивното дружење, особено што денес малите деца веќе на таа возраст, од девет или десет години, имаат пристап до разни опасни содржини на Интернет, телевизија, и во компјутерски игри – смета изворот.
Средството „Доместос“ содржи хлор кој може да предизвика сериозно оштетување на органите, дури и смрт на самото место, велат експертите.
Мајката Миљана исто така е обвинета и дека ја занемарила и злоупотребила својата ќерка.
Во средината на јуни Миљана Кечмановиќ се обидела да ја премине границата и да ја напушти Србија. Според медиумите, таа сакала да ја однесе ќерка си во Охрид. Овој настан ги налути не само семејствата на убиените и ранетите деца, туку и јавноста во Србија. Веста тогаш ја пренесоа повеќе медиуми.
Мајката беше сопрена на граничниот премин Прохор Пчињски и оттаму е вратена бидејќи против неа е поведена истрага, поточно преткривична постапка за да се утврди дали во нејзиното дејствие има елементи на запоставување на детето и злоупотреба.