Сертификатот за вакцинација е за лицата кои сакаат да имаат потврда и да покажат дека се вакцинирани и да не прават тест, а со тоа да се намали бирократијата при патувањата, рече портпаролот на грчката Влада Христос Тарандилис на денешниот редовен брифинг со новинарите, во однос на предлогот на Грција, ЕУ да воведе сертификат за вакцинација.
Тарандилис објасни дека за нив, бидејќи Грција е туристичка земја, важно е процедурите и бирократијата да се колку е можно помали и „токму во оваа насока е идејата за сертификатот за вакцинација“.
-Не станува збор за passport, за пасош. Го кажувам ова, бидејќи се споменуваше дека ова ќе се наметне за движење од една земја во друга. Не, нема да се наметнува. Она што го предложивме ние е кодификација на таков начин за цела Европа за кога некој патува од една земја во друга, наместо да му бараат да прави ковид тест, да го покажува сертификатот и да може лесно и со помалку бирократија да се движи од една земја во друга, објасни Тарандилис.