Дарија Асламова, новинарка на руската „Комсомолскаја правда“ беше ослободена рано утрово од притворот во Косово, каде што беше задржана поради шпионажа кога се обидела да го помине административниот премин во саботата.
Асламова во неделата наутро стапила во контакт со нејзината редакција, на која кажала дека косовските власти ја ослободиле, по што сама со автобус отпатувала до границата.
„До четири наутро стигнав до границата. Ме испрашуваа и српските граничари. Прашаа зошто нема ознака за депортација“, рече Асламова.
„Комсомолскаја правда“ претходно објави дека руската амбасада во Белград нема информации за притворот на Косово и за локацијата на новинарката.
Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља, во саботата навечер објави дека Асламова е „приведена“ на административниот премин на северот на Косово затоа што „се занимава со шпионажа“.
Рускиот весник објави дека таа е во Србија на новинарска задача и дека требало да подготви „специјален извештај во врска со ескалацијата на српско-косовскиот конфликт“.
Ден пред обидот за влез во Косово, Асламова на својот Телеграм канал објави фотографија од Белград со владиката Стефан.