Семејството Спирковски со бебе старо пет дена е на пат за Македонија, односно, се приклучиле на конвојот на ОБСЕ што треба да ја напушти Украина. Тие беа заглавени во Харков каде што во моментов се водат жестоки борби.
„Тие со на безбедно и се во добра состојба. Очекувам во текот на денот да ја напуштат Украина и потоа со асистенција на нашата дипломатска мрежа, од соседството на Украина, ќе се воспостави нивниот транспорт до Скопје“, вели Османи.
Тој вели дека ова е најсложениот случај од процесот на евакуација.
„Продолжуваме понатаму во соработка со нашите партнери и сојузници, во обезбедување нови безбедносни коридори за евакуација на нашите граѓани од Украина. Да информирам, дека во Харков, градот кој е најпогоден со воени дејствија, во моментов немаме веќе пријавени наши државјани“, додава Османи.
Досега 50 македонски државјани се извлечени од кризните подрачја во Украина, а дел сѐ уште чекаат да бидат евакуирани. Османи уверува дека се прават напори безбедно да бидат извлечени сите нашите државјани.