Претставниците на канадската пејачка Селин Дион објавија дека употребата на нејзината хит песна од 1990-тите „My Heart Will Go On“ на предизборен митинг на поранешниот американски претседател и републикански кандидат Доналд Трамп е неовластена и нема одобрение од пејачката.
Видеото на Селин Дион како ja изведува песна од филмот „Титаник“ беше прикажано во петокот вечерта на митингot во Бозман, Монтана, а исто така е пуштено и на неколку претходни митинзи на Трамп, пренесува „CBS News“.
Претставниците на пејачката во соопштението објавено на социјалните мрежи посочиле дека нејзиниот менаџмент и дискографска компанија „Sony Music Entertainment Canada“ во саботата дознале „дека спотот и песната на Селин Дион за „My Heart Will Go On“ биле користени без овластување на предизборниот митинг на Доналд Трамп во Монтана“.
Претставниците на Селин Дион предупредиле дека на никој начин оваа употреба не е одобрена и дека таа не ја поддржува оваа или каква било слична употреба на нејзината музика.
Барањата на познатите музички уметници до Трамп да не ја пушта нивната музика на неговите митинзи не се нови.
За време на неговата прва претседателска кампања во 2016 година, слични барања упатија и Ролинг Стоунс, Адел, Нил Јанг и Стивен Тајлер од Аеросмит, а во 2020 година и групата Р.Е.М.
За да се усогласат со Законот за авторски права, политичките кампањи мора да добијат дозвола за јавен настап од организации како што е „Broadcast Music Inc.“ или Американското здружение на композитори, автори и издавачи.