За секоја жена бременоста е еден од најубавите делови од животот, но, за жал, не секоја бременост е иста. Високоризичната бременост со себе носи многу предизвици и бара редовни контроли и посебно внимание. Гордана Клинчарова од 27. недела во бременоста морала да биде хоспитализирана во болница. Лежела 40 дена и новата 2015 година наместо во кругот на семејството ја дочекала во Клиничката болница „Аџибадем Систина“. Три дена по Нова година, во 31. гестациска недела малата Галена решила да биде најубавиот новогодишен подарок за семејството Клинчарови, но и да го честита роденденот на тато.
„И тогаш кога помислив дека најлошото заврши, останав на интензивна нега поради компликации. Си родил бебе, не можеш да го видиш. Кога конечно се симнав на оддел, повторно доживеав шок. Бебето во инкубатор, јас бев породена со царски, немав шанси да отидам да го видам. Сестрите на одделот ме тешеа кажувајќи ми дека Галена е добро и дека е многу убаво бебе. Конечно по 5 дена се сретнавме. Толку беше мало и нежно, а избоцкано и врзано за апарати. Самата просторија многу жешка, светла што трепкаат, монитори што свират, но те пречекуваат топли и пријатни лица. Првиот страв кога ќе го видиш предвремено роденото бебе е да не му фали нешто. Го гледаш и си велиш добро е, има сè што треба да има“- објаснува Гордана.
За среќа, како што објаснува Гордана, најголема утеха ѝ бил тимот од неонатална интензивна. Делувале смирувачко и утешително, па ѝ ги вратиле вербата и надежта на младата мајка.
„Го гледаш детето, го допираш низ малиот отвор на инкубаторот, сакаш да го гушнеш, но тоа е невозможно. Одиш така на секој час со надеж дека нешто се сменило и дека конечно ќе го гушнеш тоа мало тело и ќе му дадеш сила да издржи. По неколку дена си одиш дома, а тоа останува во болница. Нема ништо потешко од тоа. Голема болка и неизвесност. Одиш секој ден по двапати и се прашуваш дали и кога ќе дојде денот да си ја гушнеш и да си ја земеш дома со тебе. Ја гледаш во инкубаторот и на секое заминување еден куп солзи. Ги гледаш тие мали очиња како мило те гледаат и како да ти викаат немој да ме оставаш. Дома се измолзуваш и се трудиш да се спремиш, но некако мислите ти одат кон болница. На секое одење прашуваш дали и колку млеко испила, кога ќе ја извадат од инкубатор. Доктор Станка Танчева е толку позитивна личност, што мислам дека ако не беше така, немаше да можам да ги пребродам тие денови додека Галена беше во болница. Исто така и д-р Сајковски, ни даваше доста примери на лица кои се предвреме родени, а подоцна станале познати личности, сликари, музичари… “- со солзи на очите се присетува Гордана.
Првата средба кога Гордана ја зела Галена во раце била полна со емоции и солзи. Пресреќни биле кога по 23 дена виделе дека нивната ќерка повеќе не е во инкубатор.
„Конечно си го држиш детето во раце. Не знаеш како да се однесуваш. На моменти ме фаќаше страв да не ја стиснам пресилно. Измешани чувства на страв, радост и неизвесност. Се прашуваш што понатаму, дали ќе биде сè во ред. Но набрзо ти текнува дека времето е ограничено, чекаат и други родители со истата мака да си ги видат своите малечки. Ја гушкам и не сакам да ја оставам. Некако немаш сила веќе да чекаш да дојде денот да си ја земеш дома. Ни објаснија дека мора да поседи уште малку на интензивна нега. Со последни сили го чекаш тоа уште малку кое вечност трае. Конечно, по 26 дена ни кажуваат дека може да си ја земеме дома. Се радуваш, но и се плашиш. Како ќе ја храниш кога таа нема сила да влече, повлекува двапати и се успива, мора да ја будиш. Навиваш часовник на секои три часа, ако не качи на килажа, ќе мора пак назад во болница. Кога ја бањавме, ми беше страв да ја држам, да не ја повредам. Толку беше мала и немоќна“- вели Гордана.
Неколку години подоцна, малото бебе со тежина од 1.790 грама сега е прекрасно и умно девојче кое е на прагот на 5-тата година. Од својата прва година посетува градинка, а од пред една година посетува часови по балет и веќе освојува награди.
Извор: Acibadem Sistina