Пасторот Ландон Спредлин, кој велел дека коронавирусот е хистерија и отишол во Њу Орлеанс да проповеда за време на фестивалот Марди Грас, починал еден месец подоцна. Сопругата, четирите ќерки и синот на пасторот велат дека се надеваат оти ќе може да одржат голема церемонија во негова чест.
Засега можеле да направат само погреб на кој имало пет лица, вклучувајќи и блуз-гитарист кој свирел на гробиштата.
Инаку, пред нешто повеќе од еден месец, пасторот Спредлин (66) се возел со сопругата Џин од нивниот дом во Вирџинија до 1.500 километри оддалеченото место каде со одржува Марди Грас, јавува Би-би-си.
Пасторот велел дека има намера да ги спаси душите на некои од стотиците илјади луѓе кои присуствуваат на овој фестивал. Му се придружиле и две од неговите ќерки кои дошле од Тексас.
„Неговата мисија беше да оди во пабови, клубови и барови, да свири блуз, да се поврзе со музичарите и да им порача дека Исус ги сака“, вели 28-годишната Џеси Спредлин.
На Марди Грас, фамилијарниот бенд свирел на плоштадот Џексон во Њу Орлеанс, плоштад полн со луѓе, а денес, од семејството на пасторот велат дека не биле свесни за заканата од зараза.
Иако минал повеќе од еден месец од првиот случај на коронавирус во САД, Марди Грас продолжил според планираното.
Пастор Спредлин бил еден од оние кои се разболеле, но тестот покажал дека е негативен на Ковид-19. Дури и додека бил болен, тој на социјалните мрежи објавил дека вирусот е хистерија.
Сепак, кон средината на март, здравјето на пастор Спредлин одеднаш се влошило. Тој и неговата сопруга решиле од Њу Орлеанс да тргнат кон нивниот дом во Вирџинија. Пасторот бил пренесен во болница во Северна Каролина, каде било констатирано дека развива пневмонија во белите дробови, а новиот тест покажал дека е позитивен на коронавирус.
По осум дена на интензивна нега, пасторот Ландон Спредлин починал.
извор: Индекс.хр