Бразилката која 17 години со двете деца била заробена од сопругот, јавно проговорила за пеколот низ кој живеела.
Како што јавува Би-Би-Си, семејството во четвртокот било спасено од куќата во населбата Гуаратиба на западот на Рио де Жанеиро.
Тамошната полиција известила и дека сопругот е уапсен.
– Мојот сопруг ми рече дека од куќата ќе излезам само мртва – изјавила несреќната жена цитирана од бразилскиот весник G1.
Човекот, именуван од властите како Луис Антонио Сантос Силва, бил во брак со жртвата 23 години.
Откако ја спасиле, жената рекла дека таа и децата понекогаш биле три дена без храна, а често биле и физички и психички малтретирани.
Според фотографиите кои ги објави полицијата, куќата во која биле приведени била валкана и темна. Таткото ги врзал и изгладнувал двете возрасни, видно запоставени деца на возраст од 19 и 22 години.
– Децата беа ужасно неухранети, прво мислевме дека се многу помлади – рекол Вилијам Оливеира од воената полиција, а локален жител додал дека поради нивната состојба се плашеле дека нема да преживеат ниту една недела.
Спасената тројка веднаш била префрлена во болница за лекување поради тешка дехидрација и неухранетост, јавуваат локалните медиуми.
Службата за внатрешни работи на Граѓанската полиција отворила истрага која допрва треба да утврди зошто семејството не било претходно спасено. Првиот алармантен извештај за ситуацијата во семејството се појавил уште во 2020 година, објави Би-Би-Си.