Една мајка, возбудена на денот на венчавката на нејзиниот син, ја прегрнала и бакнала својата идна снаа, како што тоа доликува.
Меѓутоа, тогаш на нејзината рака здогледала белег којшто до тогаш го немала забележано и се скаменила. Сфатила дека тоа е нејзината одамна изгубена ќерка.
Иако необичноста на оваа ситуација звучи како да станува збор за сценарио од латиноамериканските сапуници, настанот сепак се случил пред три години во Кина, а венчавката на крајот сепак била одржана, пишува „Daily Mail“.
Наводно, жената го препознала белегот на раката од невестата и заклучила дека таа всушност е нејзината ќерка. Невестата и мајката биле снимени како се прегрнуваат и плачат во текот на церемонијата. Тогаш родителите на невестата откриле дека девојката ја посвоиле пред 20 години, кога била бебе и кога ја нашле покрај патот.
Девојката не можела да ги запре солзите, а средбата со својата мајка ја опишала како најсреќното нешто во животот.
Венчавката не била прекината затоа што матичарот утврдил дека младоженецот всушност е посвоен син на жената која е биолошка мајка на невестата, така што технички невестата и младоженецот не се во крвно сродство.
Мајката објаснила дека одлучила да посвои син откако ја загубила ќерката и безуспешно ја барала низ годините, а 20 години по трауматичното искуство тие двајца се венчале.
Без оглед на шокантните откритија тој ден венчавката се одржала, а младенците ги размениле заветите.