Поранешниот директор на УБК кој беше осуден за злоупотреба на службената положба, Сашо Мијалков, е снимен во Монте Карло како се шета со сјајно црвено „Ферари“, објави Скопје 1.
Како што пишува Скопје 1 автомобилот чини околу 700.000 долари.
Според деталите што можат да се видат на снимката тој влегува во луксузниот ресторан „Луј 15“ на славниот готвач Ален Дукас, со три Мишелин ѕвезди. Ресторанот е во хотелот „Париз“. Просечната цена на оброк во овој познат ресторан во гастрономскиот свет е околу 250 евра. Ресторанот „Луј 15“ е еден од најпрестижните во Монако. Во објаснувањето за понудата се вели дека секоја чинија со храна била посебна уметност.
Мијалков беше обвинет и осуден за повеќе дела што ги отвори поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО), но главно му застареа. Од сите дела, одлежа казна само за случајот „Империја“ во кој во спогодба со Јавното обвинителство призна вина и доби тригодишна затворска казна и конфискација на имот во вредност од, како што првично тврдеше тогашната шефица на ОЈО ГОКК, Вилма Русковска, 30 милиони евра. Подоцна имотот му беше проценет на речиси двојно помал износ. Затворската казна наместо во „Идризово“ ја издржуваше во затворот во Струга, кој е од отворен тип, откако непосредно пред издржувањето ја смени адресата на живеење од Скопје во Охрид.
Извор: Скопје 1