Неодамна својот прв настап во земјава го имаше регионалната поп ѕвезда Сара Јо, која освен што ја воодушеви публиката со изведбата на своите хитови, направи и нешто што од неа никој не го очекуваше – се потруди првото гостување да биде незаборавно за сите. Освен провокативна модна комбинација, изнуди овации од публиката со тоа што реши дел од своите песни да ги преведе и отпее на македонски. Така, хитот „Без сна“ доби нова верзија.
Во рамки на огненото крштевање во земјава Сара Јо гостуваше во Штип и Кавадарци, каде настапи со поддршка на диџеј Панчо од ДНК, а веќе заради огромен интерес и барање на скопската публика го закажа и првиот солистички концерт во главниот град. Концертот кој ќе се одржи во Скопје во организација на Sure Shotz Entertainment, а деталите ќе бидат откриени наскоро. Во меѓувреме веќе најавено е и гостувањето во клубот Аватар во Струмица.
„Реакциите на публиката ме оставија без зборови. Среќна сум што мојата музика се слуша ширум регионот и што имам можност да настапувам секаде. Јас сум најсреќна кога сум на сцената, кога имам директен контакт со публиката. Сакам што поскоро да се вратам во Македонија“, вели Сара, чија желба наскоро и ќе се оствари и тоа со голем солистички концерт.