Семејството на 15-годишната Сара Настеска од Охрид преку писмо ја информира јавноста дека Сара се врати дома жива и здрава. Сара, кај која е дијагностицирана Анемиа Апластица, изминатиов период се лекуваше во странство, откако бројни граѓани, здруженија, организации се вклучија во хуманитарната акција и донираа средства за нејзино заздравување.
„Почитувани, познати и непознати, луѓе во вистинска смисла на зборот, со овие неколку зборови сакаме да ве известиме дека го поминавме најтешкиот дел од патот. Поминавме тешки моменти, сигурно најтешките во нашите животи, поминавме многу, но ги поминавме на крилата на поддршката која токму вие ни ја дадовте.
Сара синоќа пристигна во Македонија, а од утрово е веќе во својот дом во Охрид. Заврши третманот во болницата во Германија и состојбата на Сара секој ден се подобрува и нормализира. Треба да се направат повеќе контроли, да се почитуваат строгите насоки и препораки дадени од медицинските лица, но сепак, најтешкото е веќе зад нас.
Сега ние знаеме колку големо срце имаат охриѓани, но и сите граѓани од целата држава, од целиот свет, кои ни помогнаа кога ни беше најтешко. Секој збор е премал, што и да кажеме е недоволно за да ја изразиме нашата благодарност. Единствено што можеме е да помагаме и ние натаму, колку што можеме, онаму каде што е најпотребно. Токму тоа и ќе биде нашата мисија и преку секоја спасена детска насмевка ќе кажеме по едно благодариме за сè што ВИЕ направивте за нас.
Од срце во благодариме за секој денар, за секоја насмевка, секој збор за поддршка, секоја прегратка за да ја поделиме болката заедно”, се вели во писмото на семејството Настески.