Познатиот рок-музичар Милан Младеновиќ, пејач и гитарист на култниот рок-бенд „Екатерина Велика“, починал на 5 ноември 1994 година во Белград.
Во август 1994 година, по настапот на „ЕКВ“ на фестивалот во Будва, Милан Младеновиќ бил префрлен во болница, каде му бил дијагностициран рак на панкреасот. По тримесечна борба, тој починал на 36-годишна возраст и тежок само 35 килограми. Неговата смрт била пропратена со голем број контроверзии. Се зборувало многу за неговото користење на опијати, за што неговите блиски луѓе тврделе дека тој бил исклучително одговорен, строг, посветен на читањето и дека не користел дрога. Други, пак, го делеле мислењето дека починал од сида, која ја добил како последица на долгорочно консумирање наркотици.
„Извесно е дека спонтано поминувам низ животот, па каде застанам. Едно е сигурно – никогаш не знам каде ќе одам. Не можам да пеам за вонземска љубов, ако ме задушуваат и растргнуваат земните неволји. Стоиме на работ на една провалија, која „нетрпеливо чека да не проголта“, а над нас се разгорува вулканска лава која почнува да истекува, се растегнува по нас. Ми се чини дека сме притиснати, не можеме ни чекор назад, ниту пак напред. Борете се за вашата лична слобода, не дозволувајте некои лажни сребреници и погрешно оправдани норми да ве задушат, борете се за животот. Завршувајќи, само би сакал да кажам дека во ниту еден случај не жалам што ги трошам сите овие години на една таква несериозна работа, како што е рокенролот и мислам дека почесно и поискрено не можев да ги поминам сите тие години.“, се зборовите со кои завршувала неговата монографија.
Освен неговите родители, друг единствен сведок на неговото трагично заминување била и клавијатуристката на „ЕКВ“, Маргита Стефановиќ. Таа на својата пријателка, Лидија Николиќ ѝ раскажала како изгледал неговиот последен ден. Иако беше навикната да се соочува со загуби, се соочила со смртта на нејзините родители и пријатели, загубата на Милан целосно ја избезумило Маргита. „Еден ден пред смртта на Милан, Маги беше во својот стан на ’Славија. Заѕвони телефонот. Можеш ли да дојдеш до кај нас? Милан сака да те види само тебе“, низ плач ја замолила мајката на Милан, Даница.
Маги веднаш седнала во такси и се упатила во станот на Младеновиќ, во Нов Белград. Милан лежел во креветот. Било мрачно. „Немој да плачеш. Го знаевме сето ова“, ѝ рекол Милан. „Побарал да ја стави главата во прегратката на Маги и таа да го гали. Тоа често го правеа. Ѝ заспал во прегратката. Останала неколку часа сама со него. На разделбата му рекла: ’Се гледаме утре.‘ Ништо не ѝ одговорил, само нежно ја погледнал. Другиот ден почина“, раскажала Лидија Николиќ, авторката на биографијата на Маргита „Osećanja. O. Sećanja“, воедно нејзина блиска пријателка.
Се чинело дека цел Белград присуствувал на неговото испраќање. Таму биле многу јавни личности – актери, музичари. Меѓу нив бил и еден од најголемите југословенски писатели – Добрица Ќосиќ. Последниот поздрав му го упатил фронтменот на „Партибрејкерс“, Зоран Костиќ – Цане.
„Ти го читам последното писмо. Јас, тебе. А кој за мене? Сега си замина за да се родиш некаде. Звук, моќ и енергија. Ти сè слушаш сега. Тоа што не се гледаме во моментов, не значи дека не сме заедно. Луѓето се овде да те испратат. Твоите луѓе. Момчето од водата на пурпурните длабочини на вистинската музика. Нека биде убаво, нека биде вистинско, нека се чуе. Само еден пат води до правдата, како што и сите зборови беа на твоја страна. И ветрот и земјата. Нека ова биде доста, нека биде умерено. Се гледаме сите“, навел Цане.