На 3 август во зградата на патријаршиското машко училиште во Крушево е формирана привремената влада на Крушевската Република, а за премиер од Народното собрание е изгласан Дину Вангели.
Треба да се истакне дека владата била составена од претставниците на сите етнички групи и верски конфесии од Крушево, па така останатите членови на извршната власт биле Ѓорѓи Чаче – секретар на Советот и одговорен за реквизиција, Теохар Нешков – касиер и одговорен за финансии, Христо Ќурчиев – градоначалник и одговорен за полиција, Димитар Секулов – одговорен за прехрана и производство, Никола Баљу – одговорен за санитарниот сектор, на кого му помагале двајца доктори. По еден еден Влав – патријаршист, еден Албанец – патријаршист, еден Влав – националист и тројца егзархисти. Запишано е дека егзархистите биле подготвени да отстапат две места на еден Турчин и на еден Помак, ако во иднина има потреба од тоа. Во наредните 10 дена не се јавила потреба за такво нешто.
Владата работела двократно, претпладне и попладне со пауза за ручек, а зградата ја чувале двајца милиционери. На влезот во канцеларијата имало лице задолжено за закажување на средби со министрите, со заинтересираните граѓани.
Крушевската Република траела само десет дена, но за тие десет дена е создадена беспрекорна администрација, која никогаш потоа нема да биде повторена во ниту една уредување воспоставено на територијата на Македонија.
Треба да се истакне дека најважната функција во републиката ја имал претседателот Никола Карев, кој заседавал и со Горскиот штаб на крушевската востаничка околија. Во штабот членувале Тома Никлев, Тодор Христов – Офицерчето и Антигон Хаџов. Законодавната власт ја обавувал Советот со 60 члена, а во донесувањето на законите советодавна улога имале и од Советот на војводите.
Значи, во целокупната јавна администрација на Крушевската Република имало претседател, три члена на Горскиот штаб, шест министри, 60 советници(војводите работеле про-боно), по двајца милиционери и доктори и едно лице кое стоело пред канцеларијата на привремената влада, кој им закажувал состаноци на министрите. Тоа се вкупно 75 луѓе, кои добивале плата од државниот буџет. Денеска не знаеме колку жители има Крушево, но во 1903 во градот и поблиската околина живееле 10500 луѓе(5000 Македонци, 5000 Власи и 500 Албанци). Изразено во проценти, на државна „цицка“ во Крушевската Република биле 0,7 одсто од вкупната популација, што е скандинавски пример за ефикасност, одмереност и штедливост.
116 години подоцна во модерна Македонија нема попис, а никогаш и не беше објавен бројот на вработените во државната администрација, јавните претпријатија и локалната самоуправа, па може само да претпоставиме дека се работи за повеќе стотици илјади административци.
Уште една работа треба да се истакне. Кога се формирала привремената влада, не се одело по принципот на „20 проценти“, ниту, пак, при објавата на Манифестот во Крушево претходно посредувале Пердју и Леотар, па скрпиле набрзина некаков Рамковен договор, според кој во власта биле вклучени Албанци, а на турското и муслиманското население им е испратена порака за добрососедство. Не, тоа е направено без никаков притисок и без никакво посредување и тоа само еден ден по избувнувањето на востанието.
Историски факт е дека Илинденското востание не е ниту меѓу најголемите 100 буни и востанија, што на територијата на Османлиското царство биле покренати во 1903 година. Но, сериозноста на претставниците на Крушевската Република ги натерале Турците на 3000 комити, да донесат аскер од 250 илјади и уште 50 илјади башибозук. Сигурен сум дека за уништување на модерната македонска армија, во плановите на некој замислен окупатор, би биле предвидени десет пати помалку војници.
Во десет дена република, биле произведувани пушки, муниција, како и омилените Црешови топчиња, што е пример за неверојатна досетливост во услови кога од неадекватен материјал треба да се изработи воено орудие.
По херојската борба на Мечкин камен, каде под водство на Питу Гули гинат 300 востаници, труските сили го окупираат Крушево, но населението предводено од претставниците на власта се евакуира на безбедно. Крушевската Република згаснува во пламен, но тоа го прави во голем стил, оставајќи им на историчарите пример за тоа како една држава треба да биде уредена и водена.
Сите преостанати држави и облици на владеење, на Крушевската Република не ѝ се ниту до глуждови, а тешко дека некогаш во иднина во нашата земја би можела да се формира управа, која ќе биде ефикасна, штедлива, досетлива, праведна и национално неоптоварена како онаа од 1903 година.
Преземено од Фејсбук