По примената донација од 6.000 дози од вакцината на АстраЗенека од министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, Петер Сијарто, наменети за имунизација на Граничната полиција, д-р Никола Пановски со објава на Фејсбук се прашува како ќе ги искористиме овие вакцини бидејќи македонските граѓани коишто се помлади од 60 години не ги вакцинираме со таа вакцина.
– „Астра-Зенека“, донација од Унгарија за нашата гранична полиција, 6 000 дози!!! Сега шу праиме? Ние нашите граѓани помлади од 60 години не ги вакцинираме со таа вакцина. А овие за жал бајаги помлади ќе се. Како да ја искористиме вакцината, а да не ги навредиме Унгарците? Решение: нашата власт нема ништо против нејзините граѓани да се вакцинираат во странство. Значи кај граничниот камен само еден мал чекор од половина метар во соседната држава, боцкање со „Астра-Зенека“ на граничниот полицаец (тој што боцка може да си остане на оваа страна со нозете) и веднаш враќање во својата земја. Ем испочитувана одлуката, полицајците вакцинирани, сѐ по пропис. Со Србија веќе имаме искуство, таму да си одат нашите граѓани, рече министерот. Тоа ви е драги пријатели вистинска грижа за здравјето на своите граѓани, – пишува д-р Пановски.