Туристичките ваучери кои ги делеше државата се продаваат на интернет за половина цена. Граѓани ги продаваат 6.000 денари вредните ваучери за туризам, кои можат да се искористат за одмор во некои од туристичките дестинации во земјава.
Јавна тајна е дека наместо да одат на одмор, граѓани ги нудат своите ваучери на хотелиери или на сопственици на приватни апартмани. Но оние кои „Алсат“ ги контактирал не сакале јавно да зборуваат за ваквата појава.
Во сторијата на ТВ Алсат се открива дека на специјализираните интернет-страници за продажба се нудат и овие ваучери за цени од по 3000 и 4000 денари, а има и такви кои продаваат и по два ваучери.
“Има некои такви барања. Секогаш имало за било кој тип на донации и ваучери или помош, некој да си искешира на некој начин, отколку да ја употреби за таа намена за тоа што е даден тој ваучер. Не сум слушнал некој да има некаде направено такво нешто, бидејќи самите хотелиери не се заинтересирани за такви зделки. Тоа се многу мали зделки, за кои не вреди да се размислува“, вели за Алсат, претседателот на ХОТАМ, Крсте Блажески.