Поранешниот министер во владата на африканската држава Малави, Клемон Чиваја, се самоубил во зградата на парламентот со пиштолот кој го сокрил во инвалидската количка за да мине преку обезбедувањето и полицијата, соопштиле денеска службеници од собранието.
Чиваја бил и заменик претседател на собранието, а се убил со куршум во глава во четвртокот навечер пред очите на службеничка во парламентот, во нејзината канцеларија, пренесува “AP”.
Полицијата навела дека Чиваја напишал проштално писмо во кое го споменал неговиот 2-годишен спор со парламентот околу тоа кој би требало да ја плати штетата на неговиот автомобил.
Тој навел дека го “молел” парламентот да му го замени оштетеното возило, инсистирајќи дека тоа е нивна обврска. И судот донел одлука во негова корист.
Чиваја добил возило во 2019-та година од парламентот на крајот на својот 5-годишен пратенички мандат, но службениците одложувале да ја префрлат сопственоста на негово име, поради што осигурувањето било неважечко во време на несреќата шест месеци подоцна.
Возилото било прилагодено за Чиваја, кој имал детска парализа, да може да го вози.