Седмоодделенецот од ОУ „Владислав Рибникар“ во Белград, осомничен дека утрово со истрели од огнено оружје уби осум ученици и обезбедувач, а тешко повреди шест ученици и наставник, бил одличен ученик, учел во музичко училиште,а земал часови по роботика.
Како што дознава Курир, момчето свирело виолина, а тренирало и карате. Рекол дека ќе биде астрофизичар.
Меѓу училишните предмети, тој се интересирал за биологија, а сакал и да игра игрички. Како што неофицијално дознава Курир, и тој претпочитал оружје и со татко му одел на стрелиште.
Како што изјавија за Курир соседите од зградата во која живее, неговиот татко е угледен лекар, додека неговата мајка е исто така високо образована.
Да потсетиме, ученик седмоодделенец утринава изврши масакр во основното училиште во Врачар, каде уби осум деца и чувар, а како што беше речено на денешната прес-конференција имал и список на хартија, од учениците што планирал да ги убие..
Адвокатката Ирина Боровиќ, која ги застапува осомниченото момче и неговиот татко, за Курир вели дека момчето моментално е на анализа на Воено-медицинската академија во Белград.
– По направените анализи во ВМА, момчето ќе биде вратено во полициска станица каде треба повторно да се разговара со него.
Исто така, сакам да истакнам дека поради возраста на момчето, нема да одговара за ова кривично дело, но секако ќе се очекува разговор со психолог и психијатар кои подоцна ќе одлучат дали ќе биде казнет на некој начин и како – рече Боровиќ.
Таа потоа додаде дека мајката на момчето не е уапсена како што објавија некои медиуми.
– На таткото на момчето му е одреден притвор до 48 часа, по што ќе биде сослушан од обвинителот на Вишото јавно обвинителство во Белград, кој го товари за тешко кривично дело против општата безбедност.