Претставниците на петте национални телевизии од Македонската Медиумска Асоцијација денеска напладне одржаа прес конференција по заканата на кабелските оператори дека ќе ги исклучат сите телевизиски канали освен МТВ.
– Во време кога Владата апелира бесплатно да емитуваме информативни спотови за заштита од коронавирусот, кога сме во очекување да ги почнеме преговорите со ЕУ и кога треба да известуваме за изборните резултати, тие сакаат населението да го стават во информативен мрак. И сето тоа само затоа што од нив е побарано да престанат да крадат авторски права и да ја регулираат нелојалната конкуренција, истакна директорот на Телма, Атанас Кировски.
Телевизиите се пожалија не нелојална конкуренција и посочија примери во кои тие ги откупиле авторски права, а кабелските оператори, без авторски права пренесуваат иста содржина, каков што е примерот со Европското првенство во ракомет.
– За ваквиот однос од страна на АВМУ, очекуваме оставка од директорот Зоран Трајчевски, рече Кировски.