За Шорех Бајат беше исполнување на сонот тоа што беше избрана да го суди финалето од Светското првенство во шах за жени, но тоа што требаше да биде блесок во нејзината кариера, набрзо се претвори во кошмар.
Таа треба да се врати во својот дом во Иран, но тоа се нема случено иако турнирот заврши во јануари. Се плаши од казна откако на социјалните мрежи се најде на мета на критики затоа што не носела марама за време на судењето.
Таа се исплашила поради фотографија направена на турнирот на која може да се види дека таа не носи хиџаб. Фотографијата се проширила на социјалните мрежи, а иранските медиуми ја осудија поради тоа што не ги почитува верските закони.
„Знаев дека морам да ја покријам косата и тоа го направив според иранските закони. Но, носев лабав хиџаб затоа што јас не верувам во тоа. Всушност, го мразам. Не сум религиозен човек и го носев само на некој модерен начин. Според иранските стандарди, беше сосема во ред“, изјави таа за „СиЕнЕн“.
Фотографијата била направена во првата фаза од турнирот во Шангај во Кина, по што заминала во Владивосток на истокот на Русија. Во меѓувреме од иранската шаховска федерација ја предупредиле поради прашината која се подигнала во земјата. Таа се согласила да се извини под услов Федерацијата да ѝ ја гарантира безбедноста, но од иранската шаховска федерација потоа го одбиле тоа.
Како резултат на тоа, Бајат одлучила повеќе да не носи хиџаб и да не се враќа во својата татковина.
Да потсетиме, марамата или хиџабот се задолжителен дел од облеката на жените во Иран од револуцијата во 1979-та година, меѓутоа во последниот период се повеќе жени се охрабруваат и организираат протести во врска со правата да не носат никакви марами на главата. Казната за непочитување на правилата во оваа конзервативна муслиманска земја може да биде затворска, или со камшикување.
Инаку, по турнирот кој ќе биде одржан на Гибралтар, Бајат ќе побара азил во Велика Британија.
извор: Телеграф