Тајландската полиција се сомнева дека руската манекенка Евгенија Смирнова, која паднала од висина од 25 метри од балкон на осми кат во одморалиштето Патонг на островот Пукет, можеби била турната.
Доказите укажуваат на такво црно сценарио – имено, инспекторите во нејзината рака пронашле многу коса. Атрактивната бринета при падот ја скршила ногата и се здобила со смртоносни повреди на главата, пренесува “Daily Mail”. Локалните власти спроведуваат форензичка анализа на примероците од коса за да утврдат кого зграбила Смирнова пред падот.
Инаку, Евгенија до својата смрт редовно емитувала содржини во живо на веб страни за возрасни на неколку профили под различни имиња. Таа по потекло е од Нижни Новогород, но живеела во Москва. Во Пукет пристигнала на 25-ти мај, а нејзиното безживотно тело било пронајдено во вторник во раните утрински часови.
По нејзината смрт, приведени биле Русинката Наталија Косенкова и Американецот Џамал Антоан Смит и Јорданецот Ахмад Ради Мустафа Алатум. Како што пренесува “Bangkok Post”, постои сомнеж дека споменатата тројка присуствувала на развратна забава со секс, дрога и алкохол во комплексот во Патонг, каде Смирнова загинала.
Јорданецот бил уапсен, додека по смртта на Русинката се обидел да влезе во авион. Косенкова, манекенка и ди-џеј која работала и како стоматолошки асистент, во меѓувреме била пуштена и тврди дека смртта на нејзината сонародничка била несреќен случај.
„Не сме ние виновни. Тоа не беше убиство. Смирнова ја сретнав вечерта кога се случи инцидентот и не е точно дека забавата вклучуваше секс и дрога. Евгенија се појави на забавата, го доведе и својот пријател Ахмед, кој се однесуваше недолично. Можам само да кажам дека мојот пријател Џамал, кого го познавам многу долго, се однесуваше достоинствено и пристојно. Полицијата ни верува. Јас тука сум обичен турист, а таа забава беше обичен фестивал на пијалаци“, рекла таа, иако тајландската полиција по трагедијата соопштила дека пронашла марихуана и кондоми во станот.
Што се однесува до самиот случај, надлежните разгледуваат три теории – несреќа, самоубиство или убиство.
„Можеби жената случајно паднала од балконот, но можеби било и убиство кое е резултат на расправија. Ги испрашуваме сите вмешани луѓе, а косата во раката на Евгенија ќе биде пратена на ДНК тест за да се утврди на кого му припаѓа“, рекол шефот на полицијата.